Струга една недела без вода за пиење: загадената вода ја откри кризата со системот

Струга сè уште нема безбедна вода за пиење и лична употреба една недела по првите аларми. Општината ангажира експерти од Скопје, а јавното обвинителство отвори истрага за причините и евентуална одговорност.

Една недела по првите сигнали за проблеми, Струга сè уште е под забрана за користење на водата од градскиот водовод. Од чешмите тече заматена, темнокафеава вода која не смее да се користи за пиење, готвење или хигиена.

Градоначалникот Менди Ќура соопшти дека општината презема „засилени мерки“ и најави ангажман на приватна стручна институција од Скопје која на 16 февруари ќе направи детални анализи за да се утврдат причините за загадувањето. Можни се интервенции во заштитната зона на извориштето или природни фактори, но конечните резултати ќе бидат познати по завршувањето на испитувањата.

Ова, според експертите, ја истакнува слабоста на редовниот систем на мониторинг и итно постапување – кога една општина мора да повикува приватни експерти за да дознае што се случува со водата, тоа укажува на празнина во институционалната контрола. Кризата не е само во бојата на водата, туку и во недостатокот на брза реакција и јасна распределба на одговорност.

Паралелно, Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет за утврдување на причините и евентуална кривична одговорност за загадување на животната средина. Во координација со Министерството за внатрешни работи, се извршуваат увиди кај извориштата со присуство на полиција и надлежни инспекциски служби, вклучувајќи ја Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за јавно здравје.

Според информации од Deutsche Welle, анализите покажале дека заматеноста достигнала до 30 пати над дозволеното ниво, а Центарот за јавно здравје на 11 февруари измерил заматеност од 28,59 %, наспроти дозволени 1,5 %. Дури и ако причината е „природен фактор“, ова бара брза интервенција и јасна одговорност.

Оставката на Меџијаит Јусуфоски од ЈП „Водовод и Канализација“ Струга е симптом дека кризата ги надминала вообичаените рамки. Тој ја нарече состојбата „еколошка катастрофа“ и изјави дека за 43 години работа не памети вакво заматување.

Главното прашање останува: зошто беше потребна цела недела за да се активираат истраги, инспекциски увиди и вонредни анализи? Ако проблемот е во заштитната зона, тогаш системот на контрола не функционирал како што треба. Ако е „природен фактор“, треба да постојат протоколи за алтернативни извори и навремена комуникација со граѓаните.

Струга сега не бара само „чиста вода“, туку и чиста постапка – кој надгледувал, кој пропуштил, кој реагирал навреме и како да се спречи повторување на вакви кризи со темна вода и молк од институциите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни