Стручниот кадар од Националната галерија алармира: изборот на нов директор ја загрозува институцијата

Група вработени во Националната галерија на Република Северна Македонија остро реагираат на неодамнешната одлука за именување на нов директор, барајќи итно нејзино поништување и повторно разгледување на целата постапка.

Нивната реакција се однесува на изборот на Али Синани, ликовен уметник без формално искуство во музејско или галериско управување, за нов директор на институцијата. Според вработените, кандидатот досега нема реализирано ниту еден проект во рамки на Националната галерија, ниту пак има видлив ангажман во други релевантни културни установи од национално значење.

„Овој избор претставува сериозно отстапување од принципите на стручност и објективност, кои се клучни за раководење со институција што има улога во зачувувањето на културното наследство“, посочуваат од колективот.

Националната галерија стопанисува со значајна колекција од над 3.300 уметнички дела и управува со неколку културни објекти, меѓу кои Даут-пашин амам, Чифте амам и Спомен-куќата на Лазар Личеноски – сите под заштита како недвижно културно наследство. Управувањето со ваков комплексен систем, велат вработените, бара стручен кадар со докажано искуство во заштита, конзервација и музејско менаџирање.

Од внатрешноста на институцијата информираат дека меѓу пријавените кандидати имало етаблирани стручњаци со богати биографии, меѓународни референци и долгогодишно искуство во оваа област, но нивната апликација, како што тврдат, била исклучена од фер и транспарентна постапка.

„Бараме транспарентен и професионален процес во кој ќе се вреднуваат знаењето, стручните квалификации и резултатите. Само така ќе се зачува професионалниот и културниот интегритет на Галеријата“, стои во заедничкиот став на вработените.

Тие апелираат до надлежните институции и Министерството за култура да реагираат навреме и да овозможат повторно спроведување на изборна постапка, оваа пат со почитување на принципите на објективност, транспарентност и стручност.

Националната галерија е еден од столбовите на националната културна политика и има суштинска улога во афирмацијата на уметничкото творештво и заштитата на културното наследство. Како таква, не смее да биде ставена во ризик поради партиски или лични интереси – предупредуваат од вработените.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни