Марко Стојановиќ е еден од најпосветените и највлијателни сценаристи на стрип на Балканот. Автор на култните „Вековници“, уредник на списанието „Стрип Пресинг“ и организатор на Балканската смотра на млади стрип-автори, тој веќе три децении гради мостови меѓу авторите од регионот. Во разговорот за „Трн“, непосредно по годинешниот Стрип Трип Фестивал, Стојановиќ зборува за своите први инспирации, за улогата на пораката во стрипот, за балканската сцена и за иднината на медиумот што го нарекува „уметност што мириса на победа“. Со искреност и хумор, тој нè води низ светот на ликови што не се тој – а сепак се дел од него.

Трн: Кој беше првиот стрип што ве инспирираше да создадете свој?
Марко Стојановиќ: Првите три стрипови што ги прочитав, колку што се сеќавам, беа: една епизода од „Командант Марк“ насловена „Дерикожа“, една епизода од „Рахан“ каде што нурка во потрага по ножот од слонова коска, и една епизода од „Морт Синдер“, во затвор. Не знам колку конкретно ме инспирирале, но кога ќе се погледнат „Вековниците“, јасно е дека секој од тие три имал препознатливо влијание.
Трн: Што доаѓа прво – идејата за приказната, ликовите или пораката?
Марко Стојановиќ: Нема правило, освен тоа дека пораката никогаш не е нешто за што свесно размислувам. Ако сакаш да испратиш порака – оди на пошта, рекол некој многу попаметен од мене. Ако приказната има некаква порака, таа сама ќе извира од неа. Приказната е поважна од сè – и од читателот, и од авторот, а особено од некаква хипотетичка порака што би требало некому да му се „испрати“.
Трн: Кои теми најмногу ве привлекуваат – општествени, политички, фантастични?
Марко Стојановиќ: Имам пишувано сешто, и допрва ќе пишувам. Но најмногу уживам да пишувам она што најмногу го сакам како читател. Тоа не е политика ниту социјален ангажман сам по себе, туку фантастика, историски стрип, вестерн, трилер, научна фантастика, хорор, хумор – тоа е нешто во што уживам одамна и како конзумент, и како автор.
Трн: Колку ви е важно стриповите да носат порака, а колку забава?
Марко Стојановиќ: Како што реков, ако приказната е добра, таа сама по себе ќе пренесе порака. И што е поуспешна, толку поуспешно и незабележливо ја пренесува. Ако се гради приказна околу некоја порака, ризикува да стане само памфлет или манифест.
Трн: Кој лик од вашите стрипови најмногу личи на вас – и зошто?
Марко Стојановиќ: Всушност, ниеден од нив не сум јас – а сите се јас. Сите произлегуваат од мене, што значи дека дел од нивниот живот, ако воопшто имаат живот, го должат на некоја искра во мене. Но она што таа искра го осветлува често нема никаква врска со мене – ликови што во еден момент велат нешто што и јас би го рекол, во следниот знаат да кажат нешто што никогаш не би го помислил. Токму тој момент кога тие почнуваат да живеат самостојно е причината зошто пишувам.
Трн: Како ја гледате современата стрип-сцена во Србија и регионот?
Марко Стојановиќ: Го гледам Балканот како простор со огромен потенцијал, особено во областа на стрипот, со кој се занимавам 30 години. Верувам дека она што го делиме – култура, митологија, наследство – не треба да нè раздвојува, туку да нè зближува, особено кога се работи за уметност. Мислам дека имаме што да им понудиме и на посилните стрип-сцени во Европа, Америка и Азија. За да се случи тоа, треба да соработуваме повеќе, а за тоа – треба подобро да се запознаеме. Повеќе знаеме за јапонски, американски, француски стрип отколку за романски или турски, на пример. Верувам во идејата за заедничка балканска стрип-сцена и долго време работам на тоа – организирам Балкански смотри на млади стрип-автори од 1998, го уредувам Стрип Пресинг од 2001, каде објавува целиот Балкан, и ги пишувам „Вековниците“ кои од 2006 ги црта целиот Балкан.
Трн: Кои автори од Балканот би ги издвоиле како особено влијателни или перспективни?
Марко Стојановиќ: Сум соработувал со повеќе од 300 стрип-автори од Србија, Бугарија, БиХ, Албанија, Македонија, Црна Гора, Романија, Хрватска, Турција, Словенија, Грција… Не би сакал да издвојувам никого – да не се налутат другите.
Трн: Постои ли разлика во вкусот и очекувањата на читателите од различни земји?
Марко Стојановиќ: На една трибина што ја модерирав на Салон на стрипот во Белград, францускиот уредник Грегоар Сажен ми рече дека само француски сценаријсти знаат што сакаат француските читатели – што објаснува зошто таму цртаат над 50 српски автори, но нема сценаријсти. Не се согласувам со тоа – и го разубедив неколку години подоцна кога напишав трилогија за неговото издавачко студио „Делкур“, насловена Крвав крст. Верувам дека добриот стрип си го наоѓа својот пат до читателите, без оглед на потеклото. Не тврдам дека „Вековниците“ се добар стрип – но знам дека им требаше време да дојдат до нивните вистински читатели.

Трн: Како реагира странската публика на балкански теми и мотиви?
Марко Стојановиќ: Моето искуство е дека реагираат многу добро – ако им се даде прилика да ги видат, и ако се добро презентирани. Вековниците, на пример, се објавени со успех во Холандија, Чешка, Велика Британија – земји што не се дел од Балканот.
Трн: Како ја гледате иднината на стрипот – дигитален формат, мултимедија или враќање на класиката?
Марко Стојановиќ: Мислам дека се движиме кон дигиталниот формат – тоа е природен тек. Кога со проектот CAN FOR BALKANS ја посетив галеријата и Музејот на стрип во Брисел во 2022, видов дека класични изложби како нашите веќе не постојат таму – сè е мултимедијално. Но не мислам дека печатените изданија ќе исчезнат наскоро – барем не додека има луѓе што го земаат стрипот в раце, го отвораат, го мирисаат… секоја печатница има свој мирис. И да, мирисаше на победа. Му посакувам на стрипот уште долго да победува – на тој начин.
Трн: И на крајот – вашите впечатоци од „Стрип Трип“?
Марко Стојановиќ: Импресиите ми се многу позитивни. Ми се допаѓа енергијата на фестивалот, духот му е топол и уникатен, како и тимот што стои зад него. Имав среќа да присуствувам на првото издание, а потоа и на третото – и можам да кажам дека развојот на фестивалот е очигледен. Таму се случуваат многу позитивни и креативни нешта – толку многу, што би сакал да учествувам на секое следно издание на „Стрип Трип“ и да го следам неговиот развој од прва рака. Sky is the limit!