Гани Сундури е меѓу првите автори што има придонесено за развојот на косовскиот стрип. Учесник е на голем број изложби и фестивали, како во Косово, така и на меѓународната сцена.
Почнувајќи од 2004, секоjа година го организира Меѓународниот фестивал на стрип и карикатура во Призрен. Редовно одржува и курсеви за цртање на стрип и карикатура. Основач е на друштвото на стрип уметници Xhennet Comics чиј директор е и ден денес.
Добитник е на многубројни признанија и награди за развој на стрипот, меѓу кои златна награда во Кипар и златен медал во Бугарија.



Трн: Како започна вашето патување во светот на стрипот? Дали се сеќавате на првиот стрип што го нацртавте?
Поздрав до пријателите од „Стрип Трип“. Најпрво сакам да се заблагодарам за одличниот фестивал – ми беше чест да бидам дел од него. Моето патување во светот на стрипот започна еден ден кога, на околу 13 години, го видов мојот прв стрип од Загор во тогашните трафики. Веднаш ме привлече црвената маичка на Загор, и од тој ден почнав редовно да ги следам стриповите, да цртам и да собирам. Денес имам околу 5000 стрипови во мојата колекција.
Првиот стрип што го нацртав беше Супер дечко (Super Fëmija), кој го направив кога бев многу млад, и тој беше објавен во неколку весници, списанија и еден албум. Потоа почнав да работам посериозни стрипови, како Златокоси (Flokarti), Мунгос и многу кратки стрип-приказни. Денес цртам поретко, но со многу повеќе внимание и со стил кој низ годините го усовршив.

Трн: Кои уметници или дела најмногу влијаеле на вашиот стил и нарација?
За мене, еден и единствен цртач – Галјено Фери, авторот на Загор, беше мојата инспирација за читање и цртање стрипови. А од американската сцена, тоа се Џон Бусема – и постариот и помладиот.
Трн: Каква беше стрип-сцената на Косово кога почнавте? Дали се промени од тогаш? Постои ли активна заедница на уметници денес?
Во моето време, стрип-сцената на Косово беше слична како во Македонија и останатите делови од поранешна Југославија – имаше голем избор на стрипови, разменувавме и се дружевме со други љубители на стрип. Денес тоа се промени, не само на Косово, туку и низ целиот регион.
Што се однесува до здруженија, пред 23 години за првпат формирав здружение на стрип-цртачи, и преку него направивме многу за да го одржиме стрипот „на нозе“ и да го промовираме. Во рамки на здружението досега сме организирале 21 меѓународен фестивал на стрип, на кој сме имале чест да угостиме големи имиња од светот на стрипот – како Мауро Лауренти, Алесандро Бочи, Фабиано Амбу од италијанската сцена, како и големиот Дејвид Лојд, цртачот на V for Vendetta. Имавме и многу уметници од Македонија, Србија и други земји.
Трн: Постојат ли теми кои особено ве инспирираат кога работите на стрипови?
Мене најмногу ме инспирираат стриповите од жанрот фантастика и авантура – како Загор, Спајдермен, Флеш Гордон, Принц Валијант, и многу други.
Трн: Како би го опишале вашиот визуелен стил некому што го гледа вашето дело за првпат?
Прво, би сакал да видам колку таа личност разбира од стрип и ја познава деветтата уметност. Но генерално, сакам да цртам реалистични стрипови со богати, детални позадини и прецизна работа.

Трн: Кој стрип (ваш или туѓ) би сакале да го видите адаптиран на екран?
Би сакал еден ден некој од моите стрипови да се појави на големо платно, но реално гледано, тоа засега е тешко изводливо бидејќи не сме уште на нивото на Марвел или слични продукции. Сепак, уживам во филмовите – мислам дека Спајдермен или Дардевил сум ги гледал по 5 пати или повеќе.
Трн: Дали вашата работа содржи и социјална или политичка порака?
Јас, како уметник, не би сакал да цртам политички стрипови. За мене, општеството и пријателството се поважни од политиката. Сакам да се дружам со уметници од сите народи и да учествувам на сите фестивали – било во Македонија, Србија или други земји.
Трн: Постои ли соработка меѓу уметниците од Балканот? Каква улога имаат фестивали како „Стрип Трип“ во тој контекст?
Секако дека постои соработка меѓу уметниците и организаторите од Балканот. На пример, фестивалот „Стрип Трип“ е многу сличен на мојот – каде што културата се меша преку организатори од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, и верувам дека со време ќе се прошири уште повеќе.
„Стрип Трип“ веќе стои на цврсти нозе и верувам дека ќе го достигне врвот кој организаторите го замислиле. Сакам да им се заблагодарам на Здравко Ѓиров, Давор Драмиканин, Никола Темков и другите што се дел од тимот.
До следниот „Стрип Трип“, ви посакувам многу среќа и здравје!