Стрип цртачот од последниот филм „Бетмен“ на фестивалот во Скопје

„Среќни сме што на фестивалот го имаме еден од најактуелните автори во DC comics, Стеван Субиќ. Покрај богатото портфолио, неговата популарност е поврзана со последниот Бетмен филм, каде што глумецот на негативецот Ридлер (Пол Дано), продолжува да го развива неговиот карактер преку стрип сценарија. Оригинална соработка, не сум сретнал нешто слично до сега. Марко Стојановиќ е мозокот позади балканскиот феномен „Вековници“, стрип албуми напишани по негово сценарио, а нацртани од стрип автори од цел Балкан“ – восхитено зборува за Трн, стрип цртачот Давор Драмиќанин, еден од организаторите на Стрип трип. .

Сите пасионирани читатели, стрип сценаристи, стрип цртачи и илустратори деновиве со нетрпение го очекуваат Стрип трип фестивалот кој ќе се одржи во МКЦ, на 17 и 18 јуни. По подолго време, поточно од 2016 година кога последен пат се одржа фестивал од ваков тип, повторно стрип сцената заживува и ги активира сите Загори и Грунфови, издавачи, колекционери и стрипомани да земат активно учество на првото премиерно издание на стрип трип фестивал кое, организаторите се надеваат дека ќе прерасне во богата и долгогодишна традиција.

Во организација на овој фестивал се вклучени повеќе организации, имиња и екипа која ветува одличен кикстарт на овој настан. Носечката улога ја има МКЦ, како најзначаен културен дом и Владимир Битољану од стрип книжарницата и издавач „Бункер“. Потоа издавачите „Стрип квадрат“, Здружението за промовирање на стрип културата „Макстрипови“ на чело со Давор Драмиќанин – стрип сценарист и Здравко Гиров – стрип илустратор, сценаристот Ивица Дукоски, како и уметникот Гоце Илиевски кој го креираше дизајнот и карактерот за овој настан, како и Тошо Филиповски со несебичната помош и насока.

Трн го покани Давор Драмиќанин, стрип сценарист и еден од протагонистите на  Здружението за промовирање на стрип културата „Макстрипови” да ни го долови она што ќе се случува во МКЦ. На публиката и е познат и по Ајвармен, првиот македонски суперхерој кој го создадоа заедно со Игор Јовчевски – стрип цртач и илустратор, а од неодамна и по стрип албумот Тим Еко, кој го создадоа во рамките на Еко свест за подигнување на свесноста за зачувување на природата.

Трн: Прво издание на Стрип трип фестивал во Скопје, сигурно си возбуден и со многу обврски, но знам дека ќе можеш да ни одговориш на неколку прашања, за почеток каква е програмата на фестивалот?

Давор: Во два дена (17 и 18 јуни, 2023, МКЦ, Скопје), „Стрип Трип“ фестивалот нуди разновидна програма поврзана со деветтата уметност, голема изложба со дела на специјалните гости, селектирана изложба на македонски стрип автори, од панел дискусии, до трибини и презентации. Ќе има и неколку издавачи кои ќе имаат продажен дел на стрипови. Вечерите се со забавна програма, па саботата ја завршуваме со концерт, а неделата ќе има кино проекција на стрипски филм.

Во неделата малку намаливме на трибини и разговори, за да отвориме повеќе простор на цртање. Денот го започнуваме со работилница со најмладите таленти кои треба да се нашата иднина, а ќе ја водат „Макстрипови“. Замислата е да пробаме да креираме нови херои со децата. Потоа ќе има и групно цртање на гостите на фестивалот. Тоа би било и можност да се стигне до некоја посвета од омилените автори. Нормално дека ќе има и повеќе активности од набројаните, но некои од нив треба да се дојде и да се видат во живо.

Трн: Дали освен домашните автори ќе има странски цртачи?

Давор: Среќни сме што стигнавме до еден од најактуелните автори во DC comics, Стеван Субиќ. Покрај богатото портфолио, неговата популарност е поврзана со последниот Бетмен филм, каде што глумецот на негативецот Ридлер (Пол Дано), продолжува да го развива неговиот карактер преку стрип сценарија. Оригинална соработка, не сум сретнал нешто слично до сега.

Марко Стојановиќ е мозокот позади балканскиот феномен „Вековници“, стрип албуми напишани по негово сценарио, а нацртани од стрип автори од цел Балкан, ако не и пошироко. Јас знам дека минимум 4-5 македонски автори имаат свои дела во Вековници, а со сигурност знам за вклучени автори кои се од Србија, Бугарија, Романија, Турција, Хрватска… списокот сигурно е поголем.

Оваа добра основа ја надополнуваме со нашиот познат автор Михајло Димитриевски, тхе Мичо. Неговите дела не само што се секаде присутни во Македонија, туку веќе и светот почнува да е бомбардиран со неговите цртежи, од детските „Светот на Биби“ па до најголемите боард гејм издавачи. Од првава година, воведена е и награда за нашите стрип доаени од кои многу имаме научено, именувана како „Македонско Стрип Наследство“ и ќе му биде доделена на Диме Иванов – Димано, кој ќе ги сподели некои од неговите оригинални стрип табли и да видиме како изгледал неговиот процес на работа. Секој од гостите има и своја изложба на стрип табли, корици и илустрации.

Од домашните автори ќе разгледаме изложба на која би ги претставиле делата на Игор Јовчевски, Здравко Гиров, Ласко Џуровски, Ѓорѓе Јовановиќ, Јована Велинова, додека младите таленти ќе бидат прикажани заедно преку Парагон Комикс.

Трн:  Тим Еко ќе биде презентиран на првиот фестивалски ден, колку е читан и што е она што во моментов го црташ?

Давор: „Тим ЕКО“ започна како идеја да ја пренесеме реалната проблематика во нашата природа, до помладиот таргет. Во последниве две години реализиравме две епизоди, кои пред некој месец излегоа и како стрип албум. Сценариото е мое (Давор Драмиќанин), додека цртежот е на Здравко Гиров. Еко-Свест, како издавачи на изданието, ни дадоа многу добри насоки кои проблеми треба да се преработат, но добивме и голема креативна слобода при креирањето на новите еко супер-херои и нивните негативци.

Нашите главни ликови се херои со уникатни моќи, секоја од нив поврзана со природата. Солар е најдинамичниот лик, чие име секако дека асоцира на Сонце, па дел од неговите уреди/оружја се засновани на сончевата светлина. Виора е хероината која го спасува светот со нејзината способност да манипулира со ветерот. Додека Гео-Мен е поврзан со земјата, но негова најголема обврска е креирањето на сите работи кои би им помогнале на тимот, од Еко-Глајдери, до големата база, до „гаџети“ итн.

Планот е во следниве епизоди да го зголемуваме тимот, па веќе во следнава епизода планираме да воведеме херој кој би имал моќи поврзани со водата (а за преостанатите херои не би откривал повеќе, но планот е Тим Еко од тројца, да прерасне во голем групација на херои, спремни да помогнат на секој проблем кој ја уништува нашава Планета.)

Трн: Дали конечно, со оглед на тоа дека стрипот е се популарен кај младите, може да се очекува поголем интерес за овој вид уметност?

Давор: Гледаме во светот колку е разработена стрип индустријата и издаваштвото. Не само тоа, филмовите базирани на стрипски јунаци се блокбастери. Огромна машинерија е и во Америка, Франција, Италија, Јапонија е приказна сама за себе.

Кај нас фалат поголеми издавачи, како на времето кога Нова Македонија била гигант. Но тоа било во далечно време, во друго општество. Среќа што има неколку групи луѓе кои ги држи ентузијазмот и не дозволуваат стрипот да замре, баш напротив – последниве години добивме многу квалитетни изданија од македонски автори.

Ние, како здружение „Макстрипови“, гледаме да ги едуцираме младите таленти и да ги запознаеме со креирањето стрипови. Низ нашите стрип школи и работилници, директно се запознаваме и при тоа дознаваме колку креативна младина имаме, само треба мало насочување и мотивирање.

Трн:  Колку стрип автори активно и професионално цртаат?

Давор: Може да се каже дека има мала група професионалци кои си го вадат лебот со цртање, но има и поголема група кои се во слични професии кои имаат допирни точки со стрипот. Голем дел од авторите не можат да бидат 100% посветени само на стрип, што да бидеме искрени е спор и долг процес ако сакате да направите квалитетно издание. Па, затоа и напоменав дека работат на дигитални игри, аналогни бордгејмови, илустрации, сториборди…

Има солидна бројка на вљубеници во цртањето стрип, за кои во иднина се надевам дека би изненадиле со стрип изданија. Или пак јас сум непоправлив оптимист. 😉

Трн:  Постои ли интерес кај издавачите за стрипови и зошто не?

Давор: Големите издавачки куќи кај нас изгледа немаат навика да вложуваат во домашен стрип. Среќа, имаме неколку мали издавачки куќи кои ја бранат честа, ха ха ха…

„Стрип Квадрат“ извадија феноменални изданија во последно време, со посебен акцент на последниот стрип албум на Јовчевски, „Кантана“, кој (ако не се лажам) не доби никаква финансиска помош. Бункер како издавач, започна едиција „ Апсолутни почетници“, каде што селектираа и преведоа многу уникатни стрип албуми. А нормално, честа е навиката и на самофинансирани изданија од авторите, кои успеваат да најдат начин да ги споделат своите дела со пошироката публика.

Трн: Кои предизвици се исправени пред вас цртачите на стрипови?

Давор: Изгледа фали малку повеќе промоција, уредништво, продуцентски пристап…  Како стрип сценарист, знам колку време е потребно авторите да го исцртаат стрипот, знам колку „работна рака“ треба да вложат, колку пот да испотат, за да се стигне до комплетен стрип албум. Знам дека повеќето автори ја имаат посветеноста кон финиширање на своите дела, но следниот чекор е тој што мора да се поправи, за тие изданија да бидат издадени и да не останат во фиока.

Не е мал трошок ни самото печатење, нит промоциите, ама кога ќе го земеш првиот примерок испечатен стрип во рака, забораваме на претходните проблеми и предизвици. Тоа е еден од најзадоволувачките моменти што еден автор може да ги доживее.

Деветта уметност во светот е во голем подем бидејќи стриповите се уникатна уметничка форма на визуелниот и литературниот начин на создавање на приказните кои често се пренесуваат и на филмското платно. Оваа единствена форма на уметност на хартија секогаш била многу повеќе од филмски хит. Кај нас младите генерации и нивната заинтересираност за овој тип уметност се надеж дека и овде стрип културата ќе се издигне на едно повисоко ниво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни