Стресот од враќањето во школските клупи: Заеднички предизвик за децата и родителите

Враќањето во школските клупи не е само административен почеток, тоа е психолошки процес кој бара внимание, емпатија и подготовка. И децата и родителите имаат свои предизвици, но со заеднички напор, со постепено враќање во рутина и со отворена комуникација, овој период може да се претвори од извор на стрес во можност за раст и поврзување. Најважно е родителите да не брзаат, да не притискаат, туку да создадат услови во кои и децата и родителите ќе се чувствуваат подготвени, поддржани и сигурни.

Секој почеток на учебна година претставува пресвртна точка во семејниот ритам. Тоа е моментот кога летната слобода, спонтаноста и опуштеноста постепено се заменуваат со структуриран распоред, обврски и очекувања. За многу семејства, враќањето во школските клупи не е само логистички предизвик како навремено станување, подготовка на оброци, организирање на превоз и распоред на активности, туку и длабоко емоционален процес кој ги допира сите членови на семејството.


Кај децата, оваа транзиција може да предизвика низа реакции: од отворен отпор и вербално изразена непријатност, до потивки знаци на анксиозност, замор или соматски симптоми. Но и кај родителите, особено кај оние кои балансираат меѓу професионални обврски и семејни одговорности, почетокот на учебната година може да донесе чувство на преоптовареност, грижа и дури вина- дали ќе успеат да ги поддржат своите деца на вистински начин, дали ќе го одржат сопствениот ритам, дали ќе се справат со сите нови барања.
Затоа, важно е да се препознае дека враќањето во училиште не е само административен чин тоа е психолошки премин кој бара внимание, разбирање и подготвеност. И децата и родителите имаат свои емоционални процеси, и токму во тој заеднички простор на адаптација се крие можноста за градење посилна врска, поголема емпатија и подобра семејна динамика.

– Враќањето во школските клупи знае често да предизвика низа реакции кај децата но и кај родителите. Најлесно може да се препознае ако вашето дете дава исти или слични одговори како: Остави ме, ми се спие, не ми се оди на училиште, ме боли стомачето…. Овие искази претставуваат отпор но не мора да значи отпор конкретно кон училиштето. Враќањето во секојдневната рутина, рутина која се изместила поради летниот распуст, знае да претставува ваков отпор. Најважно е барем две недели пред враќањето во училишните клупи да ги потсетиме децата на тоа што ќе се случува за две недели, да се вратат полека рутините за навремено легнување бидејќи сонот ни е секогаш една од најважните точки за здраво ментално здравје, да ги вратиме дневните рутини, вежбањето, раскажувањето како ни поминал денот и разговор во кој би се договориле родителите и децата заедно да направат заедничка активност пред да се вратат на своите дневни рутини – обаснува м-р. Анастазија Наумовски, специјалист по клиничка психологија.

Според неа, важно е да знаеме е дека децата немаат капацитет како возрасните за брза емоционална реакција, затоа е важно во првите денови од школската година, да не го употребуваме зборот Побрзај, леле ама си споро, ти реков да станеш порано…. бидејќи ова може дополнително да внесе стрес, вознемиреност и страв кај децата. Родителите можат да седнат со децата пред да легнат и да ги зборуваат последиците поради подоцнежното легнување.

– Родителите се секако тука исто важни како и децата! Здрав родител и здравите навики на родителите- се огледало на децата. Враќањето на дневните рутини, навремено станување, припрема на доручек , возење, враќање на работните обврски и ред други низи знаат да преставуваат стресен период за родителот. Затоа, како и со децата, родителот е важно да си даде време на себе да го заокружи летниот распуст со запишување на се она што следи во следниот период на почнување на школската година, квалитетен сон и секако вежбање доколку има време – вели Анастазија.

Враќањето во школските клупи не е само административен почеток, тоа е психолошки процес кој бара внимание, емпатија и подготовка. И децата и родителите имаат свои предизвици, но со заеднички напор, со постепено враќање во рутина и со отворена комуникација, овој период може да се претвори од извор на стрес во можност за раст и поврзување. Како што објаснува Анастазија, најважно е родителите да не бразаат, да не притискаат, туку да создадат услови во кои и децата и родителите ќе се чувствуваат подготвени, поддржани и сигурни.

Затоа, нека почетокот на учебната година биде повод за нови навики, нови разговори и нова стабилност — за сите членови на семејството

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни