Стравот посилен од науката, како дезинформациите ги одвраќаат родителите од вакцинирање

Предизвиците на современата комуникација во време на инфодемија. Дезинформациите поврзани со вакцините стануваат сериозен ризик за јавното здравје, особено кога се насочени кон една од најчувствителните групи на лица – децата.

Сара ТАНАСКОСКА и Каролина ЃУРКОВСКА

Во денешнaтa комплекснa и брзо менлива инфо-средина, успешната комуникација со јавноста бара посебен пристап кој ги почитува луѓето, ги надминува поделбите и користи јазик разбирлив за секого.

За главните предизвици и клчучни елемнти за една ефективна кампања посебно во областа на јавното здравје, разговарме со Бојан Кордалов, комуниколог со долгогодишно искуство. Во истата област и на тема вакцини, свој осврт од психолошка перспектива ни дава и Јана Момировска, специјален едукатор и рехабилитатор и семеен системски советник.

Во последните години, сè поголем број на родители се соочуваат со несигурност кога станува збор за вакцинацинирањето на своите деца. Причината не е недостигот на информации, туку токму спротивното. Во онлајн просторот циркулираат огромен број на тврдења, совети, видеа и мислења, од кои многу се неточни, манипулативни или целосно лажни. Дезинформациите поврзани со вакцините стануваат сериозен ризик за јавното здравје, особено кога се насочени кон една од најчувствителните групи на лица – децата. Во вакви услови, предизвикот не е само да се обезбедат вистински факти, туку и да се надминат стравовите и недовербата што се создаваат од брзото и неконтролирано ширење на истите.

Социјалните мрежи играат клучна улога во ширењето на овие дезинформации. Во отсуство на јасна и континуирана комуникација од релевантните институции, родителите честопати се потпираат на непроверени извори и лични искуства споделени во затворени онлајн заедници и групи. Во таква средина, стравот и сомнежот лесно надвладуваат над научните докази.

Според психолозите, ова претставува сериозен психолошки товар за родителите, кои се борат да донесат „најдобра одлука“ во лавиринтот од спротивставени пораки поврзани со искуствата со вакцините.

„Во денешно време, пристапот до информации е многу лесен кога сакаме да се информираме за нешто. Интересно е што за повеќето информации со кои се среќаваме не ни е потребен претходен интерес. Интернет страниците и социјалните мрежи се преплавени со информации и нè преплавуваат и нас. Доволно е да го земеме телефонот во раце и ние веќе имаме информации од десетина области, од различни извори, со различен степен на точност. Во таков дигитален хаоссе губи способноста за критичко филтрирање, а особено се загрозени темите кои директно се однесуваат на здравјето на луѓето.

Безразлика дали тие ги бараме и проверуваме ние, вољата за да ги прочитаме, ја активираат во нас прималивите наслови кои ги “продаваат” информациите. Од ова гледиште, ние добиваме информација без таа да ни е потребна, без да се активираме за да ја добиеме и како нешто што ни е непотребно, а интересно за читање, претставува оптоварување да проверуваме колку таа информација е издржана. Притоа, на интернет секој може да објавува информации и содржината секогаш останува “без цензура“, вели Јана Момировска.

Во таков контекст, дезинформациите за вакцините може лесно да предизвикаат страв, несигурност и одбивност – дури и кај лица што претходно имале доверба во здравствениот систем.

Една од најчувствителните и најексплоатирани теми во овој контекст е вакцинирањето на децата. Иако науката одамна потврди дека вакцините се безбедни и ефикасни, во јавниот дискурс сè почесто се појавуваат тврдења кои го доведуваат тоа под сомнеж. Најчесто, тие тврдења не доаѓаат од стручни лица или релевантни институции, туку од анонимни профили, блогови, видеа и други непроверени извори.     

За оваа тема, дебата се води низ годините наназад, или уште во 2019 кога беше прогласена епидемја од мали сипаници. Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) тогаш одлучи да го провери јавното мислење за вакцинирањето. Ставовите и мислењата на граѓаните од тогаш, изгледа дека се совпаѓаат и не се многу поразлични (гледајќи ги реакациите и однесувањата) од денешна перспектива. Повеќе од половина од граѓаните (54,6%) биле согласни дека кога родителите ќе одлучат да не ги вакцинираат децата ги изложуваат децата и општеството во опасност. Но, третина биле сеогласни дека родителите имаат право да одлучат дали нивните деца ќе се вакцинираат или не. Изгледа дека не сме далеку од мислењата од истражувањето пред шест години и денес, кога станува збор за довербата во науката. Повеќе од третина од граѓаните (38,2%) сметале дека науката која ја поддржува безбедноста на детското вакцинирање е неспорна, а повеќе од половина (54,1%) се изјасниле дека безбедноста на детското вакцинирање бара понатамошна дебата.

Сепак, и за среќа ги имаме експертите кои можат најдобро да ни ги појаснат разликите и зошто дури и денес дилемите и дебатите за вакцинирањето се едни од најактуелните теми, присутни во кругот меѓу медиумите, меѓу здравствените власти, родителите “за’’ и оние “против”.

„Одлуките што луѓето ги носат најчесто се сведуваат на една од двете гледишта, според рационалното или според емоционалното во човекот. И тоа секогаш е индивидуално. Може да се каже дека повеќето информации со кои се среќаваме имаат тенденција да ги допрат емоциите кај нас, читателите, со цел да предизвикаат реакција, дејство, можеби и продажба. Во тој случај, под влијание на несвесните емоции, луѓето донесуваат одлука. На пример, ако како родители стравуваме и сме анксиозни за безбедноста на нашите деца и слично, лесно ќе ни се продаде информација која ќе го потврди нашиот страв. И најчесто кога човекот ќе добие ваква потврда, нема да провери колку оваа информација е точна, туку настапува моментот “ете, знаев јас дека е така…”. На сличен принцип ни продаваат работи, услуги и предмети кои можеби воопшто не ни се потребни, но емоционалниот дел во нас го задоволуваат“, вели Момировска.

Особено е проблематично тоа што ваквите содржини се обично претставени со емотивен јазик, со шокантни наслови и лични приказни кои предизвикуваат силни реакции – страв, гнев, вина или сомнежКај родителите, ваквата емоционална манипулација често води до конфузија и недоверба, дури и кога претходно имале позитивен став кон вакцинацинирањето. Бидејќи информациите се појавуваат ненадејно и без најавa, тие се апсорбираат без доволно критичка анализа, а проверката на фактите останува во втор план. Така, се создава простор во кој дезинформациите стануваат „гласни“ и убедливи, додека научно поткрепените податоци се губат во бучавата. Во таков амбиент, улогата на институциите, медиумите, но и експертите од областа на менталното здравје и комуникациите, е клучна за враќање на довербата и заштита на јавното здравје.

„Достапноста на интернетот и начинот на кој функционираат дигиталните алатки и социјалните мрежи. За разлика од порано, денес, информациите патуваат речиси со брзина на светлината и за нивно ширење не постојат граници, континенти и слични пречки кои постоеле во времето пред дигиталната трансформација“, вели Бојан Кордалов, комуниколог, директор за креирање политики и комуникации во Европскиот Центар за Извонредност во Брисел.

Да се потсетиме и на тоа како Ковид-19 ја обликува јавната перцепција за вакцините?

Пандемијата на Ковид-19 претставуваше исклучително предизвикувачко време за целото човештво, но истовремено и катализатор за големи промени во начинот на кој луѓето ја доживуваат и процесираат информацијата поврзана со здравјето. Во текот на пандемијата, јавноста се соочи со нова реалност каде што здравјето стана централна и критична тема, а комуникацијата околу мерките за заштита и вакцинацијата беше постојано присутна во медиумите и секојдневниот живот.

„Дел од луѓето станаа многу посвесни за придобивките од вакцинацијата и важноста од развојот на медицината во спасувањето на човечките животи. Но, оние кои беа погодени од одредени ненаучни мерки кои беа применувани во државата со цел надминување на Ковид-19 пандемијата, како и расфрлањето со епитети кон дел од луѓето дека се „антиваксери“ или „небањати“ и тоа како дел од нив, за жал, ги стимулираше да развијат дополнителна и растечка недоверба во процесот на имунизација на сопствените деца, а тоа е за жал поткрепено и со бројки и статистиките на оваа тема кои секоја година ги слушаме“, вели Кордалов.

Еден од најголемите предизвици се јавува во комуникацијата помеѓу институциите и јавноста. За време на кризата, недостигот од транспарентност, нееднаквата достапност до информации и понекогаш политизацијата на здравствените мерки придонесоа за загуба на довербата. Во ваков амбиент, социјалните мрежи и дигиталните платформи станаа главен извор на информации, но и простор каде што дезинформациите се шират брзо и неконтролирано. Родителите, како една од најзасегнати и најзагрижените групи, често се фаќаат во оваа мрежа на спротивставени пораки, што ја отежнува нивната способност да донесат информирана и рационална одлука.

„Би ги одвоил јавните институции и медиумите и во овој контекст. Имено, традиционалните медиуми и сериозните редакции во онлајн медиумите играат огромна и позитивна улога во спречувањето на дезинформациите и негативниот импакт што со нивното ширење може и се прави на оваа тема. Впрочем, во денешна ера на дигитализација и вештачка интелигенција (ВИ) се повеќе луѓе за проверка на фактите ги консултираат медиумските извори и го бараат потписот на новинарите, снимателите и фотографите. Она што е неопходно медиумите да продолжат и со засилено темпо да го прават е да ги прилагодуваат медиумските формати на менувачките навики на луѓето за информирање во оваа динамична ера. Со тоа би извршиле уште посилно влијание во заштитата од дезинформациите и градењето на отпорни граѓани со високо развиено критичко и креативно размислување“, додаде Кордалов.

Истовремено, се осврнува и на институциите, од друга страна, за кои смета дека исто така ја имаат огромната и одговорна улога во овој процес, но без волја да ја одиграат правилно.

Според  него, степенот на одговорност кај јавните институции кон граѓаните е на многу ниско ниво, што, пак, во изминатава деценија придонесе и оценката на граѓаните за јавните институции да биде најниско на скалата на бодување.

Ова го потрвдуваат и бројките од редовното истражување на МЦМС за Општа доверба и доверба во инстуциите, каде се покажа дополнителен пад на довербата во институциите. Споредбено со 2021, истражувањето од 2024 покажа дека најголем е падот на довербата во јавниот сектор (од 46,8% на 27,1%).

За Кордалов, решението за најдобра заштита на институциите од нападите со дезинформации е доколку тие нудат брзи и ефикасни јавни услуги.

„Верувајте ми дека нема да има сила која граѓаните ќе ги натера да имаат недоверба, на пр. во здравствените институции, доколку се даваат современи, европски услуги за секоја личност која има во моментот потреба од тоа. Но, за жал, додека слушаме за скандали на одредени клиники, корупциски збиднувања и „тргување“ со човечките животи, редици и листи на чекања кои некогаш значат и живот, дезинформациите лесно ќе си го наоѓаат својот пат, а штетата ќе биде направена за секого – и за граѓаните, и за институциите и врз државата во целина“, додава тој.

Оваа ситуација ја нагласува неопходноста од јасна, доследна и емпатична комуникација, која ќе ја гради довербата наместо да ја разурнува. Јавните институции треба да го подобрат пристапот кон граѓаните, обезбедувајќи брзи, точни и разбирливи информации, додека медиумите и експертите имаат важна улога да ги демистифицираат дезинформациите и да ја зголемат медиумската писменост на населениетоБез овие елементи, ризикот од растечка недоверба и загрозување на здравствените системи ќе продолжи да се зголемува, што може да има далекусежни последици за општеството во целина.

Во крајна линија, она што го покажа пандемијата е дека здравствената комуникација не е само пренесување на факти, туку и градење мостови на доверба и разбирање меѓу здравствените институции и граѓаните. Само со таков пристап може да се надминат предизвиците што ги носи денешниот дигитален свет, каде што вистината често е изгубена во морето на информации.

„Институциите, експертите, стручните лица и сите останати, доверба стекнуваат преку пристапот и резултатите. На истион начин и ја губат. Но, тоа што е најважно е луѓето да се научат да веруваат и да имаат доверба. Да заборават на идејата дека се експерти за се. Односно, родителите се експерти за нивните деца, но им се родители. За сите останати проблеми треба да се обратат кај експерти во некоја област. Довербата има моќ да направи чуда кога се обраќате некому со целосна доверба. И треба да ни биде алатка која ќе ни помогне полесно да се справиме со ситуациите. Кога пристапуваме со доверба, отпорот не се случува, за разлика кога пристапуваме со недоверба. И не само што нема отпор, туку двете страни функционираат во хармонија како тим. Тоа треба луѓето да го сфатат за да си помогнат и олеснат во животот“,  додаде таа.

Развој на критичкото мислење и емоционалната свест кај сите генерации

Не само кај родителите, туку кај секого, вклучувајќи ги и децата, е клучно да се развие критичкото мислење и потребата за барање на вистината. За да се постигне ова кај децата, тие треба да се поттикнуваат да мислат.

„За ова да се развие децата треба да се поттикнуваат да мислат и да се изразуваат, да имаат право на глас и да ја знаат вистината (секогаш прилагодена на нивната возраст). Ваквиот начин на растење на децата ќе направи секогаш да се свесни за ситуациите, да бидат критични и да размислуваат со своја глава за тоа што го добиваат како информација. Исто така важно е луѓето кај себе да ги препознаваат двата аспекта на доживувањето на нештата: рационалниот и емотивниот, како различни аспекти. Двата да бидат уважени и одлуките свесно да бидат донесени“, заклучи Момировска.

Таквиот пристап во воспитувањето ќе ги направи децата свесни за ситуациите околу нив, критички настроени и способни да размислуваат со своја глава за информациите што ги добиваат.

Според Кордалов, успешната кампања мора да се темели на човечки пристап, базиран на разбирање, емпатија и вклученост на сите групи со нивните специфични потреби. Комуникацијата треба да биде разбирлива за сите, а истовремено заснована на научни податоци и факти кои ја истакнуваат позитивната улога на здравството и важноста од постојано унапредување.

„Апсолутно може да се води ефективна комуникациска кампања, но клучно е таа да се базира на доверба во сите луѓе, односно да не содржи во себе дури ни скриена поделба на било која основа. Главниот проблем зошто многу кампањи во оваа сфера не биле успешни и не допирале до луѓето е скриениот елитизам во нив и поделбата на луѓе кои се посакувана публика и на оние останатите. Поделбите се сериозен проблем за успех на кое било поле и тоа мораме да го запаметиме!“ заклучи тој.

Понатаму, друг значаен проблем е неприлагодената терминологија што се користи во овие кампањи односно зборови од медицинскиот речник кои луѓето во секојдневниот живот не ги користат и затоа не ги разбираат. Ова го прави комуникацискиот процес неатрактивен и отежнат за широка публика.   

Во време кога информациите се достапни на секое кликање, клучот за успешна вакцинација и јавно здравје лежи во отворената, искрена и емпатична комуникација. Само преку градење вистинска доверба и разбирање можеме да ја надминеме поделбата и да создадеме општество кое заедно се бори за безбедноста и здравјето на своите граѓани, започнувајќи од најмладата па до најстарата популација.

Се чини како на сите да ни е јасно како да живееме во дигитален медиумски хаос, но проверките на сите инфромации и вести кои не засегаат нас лично и целото население, а посебно оние за јавното здравје, се неизбежни доколку сакаме помалку дилеми и носење на појасни одлуки.

Нема да биде ништо ново, ниту пак оваа сторијата ќе биде поразлична од останатие, ако по неа, и мислењата од експертите изразени во истата, не придонесме до некое поразлично и поразумно размислување за некоја следна одлука, донесена барем од еден родител. Затоа читајте, проверувајте и повторно читајте, влезете во улогата „проверувачи на факти“ за здравјето на вашето дете!

Извор: Рацин.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни