Страв по земјотресот во Камчатка: Што се случи со руските нуклеарни бази?

Ерупција на вулкан, оштетено пристаниште и тишина од Москва – еден ден откако силен земјотрес го погоди Далечниот Исток на Русија – означуваат растечка неизвесност околу безбедноста на клучната воена инфраструктура во Камчатка.

Во раните утрински часови, во среда, 30 јули, разорен земјотрес со јачина од 8,8 степени според Рихтеровата скала го погоди брегот на полуостровот Камчатка. Земјотресот предизвика цунами бранови низ Тихиот Океан, но најголемата загриженост е фактот дека епицентарот се наоѓал само 120 километри од Виључинск – главната база на Руската пацифичка флота каде што се стационирани стратешки нуклеарни подморници.

Според Геолошкиот завод на САД, ова е шестиот најсилен земјотрес во запишаната историја.

Стратешки нуклеарни подморници
Покрај цунамито, земјотресот предизвика штета на инфраструктурата: пукнатини на патиштата, оштетени згради и морски пристаништа, како и ерупција на блискиот вулкан Кључевскаја Сопка. Подрачјето погодено од земјотресот го вклучува и Аватскиот Залив, каде што се наоѓаат клучните руски поморски бази – Петропавловск-Камчатски и Рибачи.

Во тие бази има подморници од класата Бореј и Бореј-А, опремени со интерконтинентални балистички ракети од типот Булава. Тоа е исто така единствената база на рускиот Далечен Исток со инфраструктура потребна за одржување и оперативна употреба на такво нуклеарно оружје

Иако руското Министерство за одбрана сè уште не даде коментар, на руските социјални мрежи се појавија снимки што покажуваат штета во пристаништето Петропавловск-Камчатски. Со оглед на тоа што Виључинск е уште поблиску до епицентарот и се наоѓа подлабоко во заливот, постои основано сомневање дека и таму се случиле сериозни штети, пишува специјализираниот портал Воената зона.

Неизвесност и молк од Москва
Поради неповолните временски услови и ограничениот пристап до сателитски снимки, сè уште не е познато кои подморници биле закотвени, а кои на отворено море во времето на земјотресот. Исто така, не е познато дали некој од бродовите бил во фаза на реновирање или со отворени системи, што би ги направило дополнително ранливи на оштетувања и навлегување на вода.

Молчењето на Москва за ова прашање не е изненадувачки. Руските власти традиционално не објавуваат информации поврзани со безбедноста или потенцијални инциденти поврзани со нуклеарно оружје. Министерството за одбрана сè уште не коментирало за оперативниот статус на поморската база, ниту за потенцијалните последици од разорниот земјотрес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни