„Страв од чекорење“, нов роман од Ѕвездан Георгиевски

Издавачката куќа Бегемот објави нов роман од реномираниот новинар Ѕвездан Георгиевски!

„Страв од чекорење“ на Ѕвездан Георгиевски по многу нешта е несекојдневна појава во македонската литература. Во него Георгиевски си поигрува со односот на човекот и времето. Не со времето во кое живееме, туку токму со времето како физичка категорија што тече покрај нас и во нас. На некој начин, токму тоа време е главниот херој на романот и игра активна улога во неговото дејство. За Георгиевски, времето е жива и обмислена категорија што располага со свој капацитет и на одреден начин смислено си игра со ликовите на романот. Имено, еден од ликовите на романот (таткото) не може да излезе од временската рамка од околу три часа во одреден ден. Секогаш и секогаш се враќа во времето, но не како низ времеплов туку половина час наназад, за да може да исправи една своја грешка (да купи пиво) и секогаш се враќа на истата точка. Точка од која има враќање, но нема заминување.

Георгиевски и во овој ракопис не бега од своите постмодернистички принципи, но преку низа слики и епизоди во романот успева психолошки да ги изнијансира ликовите и да воведе своевиден колорит во дејството. Создава своевидна псевдоавтобиографија сочинета од лавиринтот на тескобноста, радостите, пречките, искушенијата и неисполнетите сништа. Низ тој лавиринт ликовите, како да се марионети, ги води времето. Тоа си игра со нив, ги урива и ги крева без нивна волја и без нивни намери. Романот е всушност своевидна апотеоза на борбата на човекот со неговото време на Земјината топка. А таа борба Георгиевски навистина мошне квалитетно ја опишува, докажувајќи ја сопствената репутација, според која „зборовите се негови играчки“.

Изданието е поддржано од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни