Страв на Куба по апсењето на Мадуро: „Дали ние сме следни?“

По апсењето на Николас Мадуро и американските воени удари во Венецуела, на Куба расте стравот од можна интервенција. Хавана е во шок, а граѓаните се прашуваат дали тие се следната цел на администрацијата на Трамп.

Со месеци, додека американската војска се подготвуваше за напад врз Венецуела, многу Кубанци си го поставуваа истото, вознемирувачко прашање: „Дали ние сме следни?“

По разорните американски напади врз венецуелските воени бази и молскавичното апсење на венецуелскиот лидер Николас Мадуро, се чини дека Куба сè повеќе се наоѓа на нишанот на администрацијата на Доналд Трамп, пишува CNN.

Апсењето на Мадуро претставува сеизмички пресврт за комунистичката власт во Хавана, која со децении опстојуваше благодарение на економската и енергетската поддршка од својот сојузник богат со нафта – Венецуела.

На протест во саботата пред американската амбасада во Хавана, кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел порача дека нема да дозволи кубанско-венецуеланскиот сојуз да се распадне без борба, мафтајќи со венецуелското знаме.

„За Венецуела, а секако и за Куба, подготвени сме да го дадеме и сопствениот живот – но по висока цена“, изјави Дијас-Канел.

Сепак, обичните Кубанци биле шокирани од леснотијата со која американската војска го уапси Мадуро – и тоа без ниту една американска жртва.

„Со децении Чавез, а потоа и Мадуро предупредуваа на американска интервенција. Но кога навистина се случи, никој не беше подготвен. Венецуела имаше милијарди за својата армија. Ние немаме ништо“, изјави жител на Хавана кој сакаше да остане анонимен.

Висока цена на сојузништвото

Нападот врз Венецуела веќе ѝ нанесе тешки загуби на Куба. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави за New York Post дека „многу Кубанци ги загубиле животите штитејќи го Мадуро“.

Кубанската влада потврди дека 32 кубански државјани загинале во борбени дејства, извршувајќи мисии за венецуелските сили. Прогласени беа два дена национална жалост.

Ова е, според аналитичарите, прв директен вооружен судир меѓу поранешни непријатели од Студената војна по повеќе децении. Дополнително се потврдија долгогодишните сомнежи дека најтесното обезбедување на Мадуро било составено од Кубанци.

„Една татковина, две нации“

Со апсењето на Мадуро, под знак прашалник е ставен деценискиот сојуз што ја спаси Куба од целосен економски колапс по распадот на Советскиот Сојуз.

Со години, прво Уго Чавез, а потоа и Мадуро, испраќаа нафта вредна милијарди долари во Куба. За возврат, Венецуела добиваше кубански разузнавачи, советници и здравствени работници.

Чавез некогаш изјави дека Куба и Венецуела не се две држави, туку „една голема татковина“. По неговата смрт, на Куба беше прогласена национална жалост, а Чавез доби и кубанско државјанство, чест резервирана само за уште еден странец – Че Гевара.

Дали Куба е следната?

Сега, ова партнерство се соочува со невиден притисок во вториот мандат на Трамп. Повикајќи се на нова верзија на Монроовата доктрина, Трамп порача дека САД нема да толерираат влади во западната хемисфера што им се спротивставуваат на американските интереси.

„Брзиот успех во Венецуела може да ги охрабри заговорниците на промена на режимот во администрацијата на Трамп да ги насочат погледите кон други земји – почнувајќи од Куба“, вели аналитичарот Питер Корнблух.

Живот во услови на вонредна состојба

Воената закана доаѓа во најлош можен момент за Куба. Голем дел од островот е со часови без струја поради недостиг на гориво и расипани електрани. Недостигот од храна се продлабочува, а милиони луѓе се на работ на сиромаштија.

Крајот на сојузот со Венецуела би можел да ја остави Куба најизолирана од времето на распадот на СССР.

Прашањето што сè погласно се поставува меѓу Кубанците е едноставно, но застрашувачко:
дали заканите се само притисок – или на хоризонтот навистина се гледа нова интервенција?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни