На отворањето на 10. самит на Стратегијата на ЕУ за Јадранскиот и Јонскиот регион (EUSAIR), тој нагласи дека проширувањето на Унијата – особено пристапниот процес на земјите од Западен Балкан – е еден од клучните приоритети на грчкото претседателство со стратегијата.
„Започнавме политики и дијалог за да ги доближиме нашите соседи до големото европско семејство. Без разлика дали преку состаноци на високо ниво или преку индивидуална комуникација, нашата порака беше јасна и доследна: иднината на регионот е во силна и обединета Европа“, изјави тој.
Денешниот настан во градот Георгиополис, во западниот дел на Крит, го означува завршувањето на едногодишното претседавање на Грција со EUSAIR. Хаџивасилиу го оцени состанокот како особено значаен, бидејќи се разговараше за заедничката визија за иднината на регионот, проширувањето на ЕУ и одржливиот развој. На крајот од средбата на претставниците на земјите учеснички ќе биде усвоена заедничка декларација.
Приоритетите на грчкото претседателство вклучуваа развој на кохезиски политики, зелена транзиција, морска економија и заштита на животната средина.
„Покажавме дека зелените иницијативи не се луксуз, туку нужност“, нагласи водителот на форумот.
Жан-Пјер Халкин од Генералниот директорат на ЕУ за регионална и урбана политика изјави дека Унијата се соочува со бројни предизвици – од геополитички тензии и климатски промени, до демографски притисоци.
„За да се справиме со овие предизвици, клучно е ЕУ и нејзините земји-членки да останат обединети и силни. Овие предизвици не запираат на границите на Унијата – со нив се соочуваат и земјите од Западен Балкан“, рече тој.
Затоа, според Халкин, стратегијата треба да игра значајна улога во поддршката на сите земји во макрорегионот.
Од 1 јуни, Северна Македонија го презема едногодишното претседателствување со Јадранско-јонската стратегија, кое денес ѝ го предава Грција.
Лансирана во 2014 година, Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR) е една од четирите макрорегионални стратегии на Европската Унија и втората во која учествува Србија (покрај онаа за Дунавскиот регион).
Оваа стратегија е единствена по тоа што, покрај земјите членки на ЕУ (Италија, Словенија, Хрватска и Грција), опфаќа и земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата (Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија), како и трета земја – Сан Марино.
EUSAIR е заснована на четири столба: син раст и морска економија, регионална поврзаност, заштита на животната средина и одржлив туризам. Како и другите макростратегии, EUSAIR нема сопствен буџет, туку користи постоечки фондови и политики на ЕУ, комбинирајќи ги со националните средства на земјите учеснички.
Во рамки на форумот, што се одржува денес и утре, ќе се одржи и изложба на млади од регионот под наслов „Живеење без напуштање“. Темата се фокусира на уметничко изразување на младите во врска со дилемата: да останат во своите земји или да заминат во странство во потрага по подобри можности.