Напад сред бел ден
Инцидентот се случил во 11. париски округ, а целото злосторство е снимено со безбедносни камери. Тројца мажи излегле од бел комби и се обиделе да ја зграбат жената и нејзиното бебе. Таа и нејзиниот сопруг храбро се спротивставиле на напаѓачите, сè додека не им помогнале случајни минувачи кои ги слушнале нивните повици за помош.
Сопругот претрпел сериозни повреди на главата, а на снимките се гледа моментот кога жената го зграпчува пиштолот на еден од напаѓачите и го фрла на улица. Подоцна се покажало дека станува збор за воздушен пиштол – реплика на вистинско оружје.
Минувачите на почетокот биле збунети и неодлучни, но кога конечно реагирале, успеале да ги растераат напаѓачите, кои побегнале со возачот што ги чекал во комбито. Случајот сега го истражува специјалната единица за вооружени грабежи на париската полиција.
Вистински бран на киднапирања
Овој случај е само еден од повеќе слични напади. Пред само една недела, беше киднапиран татко на друг крипто претприемач, додека го шетал кучето. Напаѓачите му го пресекле прстот и го испратиле до неговиот син како доказ, барајќи откуп меѓу 5 и 7 милиони евра. Четворицата сторители беа уапсени два дена подоцна во Палеѕо, јужно од Париз.
Во почетокот на годината, еден од основачите на криптокомпанијата Ledger, проценета на повеќе од една милијарда евра, бил киднапиран заедно со неговата сопруга од нивниот дом во централна Франција. Напаѓачите, кои го одвеле на различни локации, му пресекле прст и испратиле снимка до неговите партнери, барајќи 10 милиони евра во криптовалута.
Ситуацијата излегува од контрола
Иако дел од парите биле исплатени, полицијата успеала да ја лоцира и ослободи жртвата, а поголем дел од трансакцијата е вратена. Деветчлена банда, предводена од 26-годишен криминалец со претходни киднапирања, е под истрага.
Во сличен случај во градот Ле Ман, 56-годишен маж бил пронајден во гепек на автомобил, откако бил киднапиран од напаѓачи кои се обиделе да изнудат пари од неговиот син – крипто претприемач со седиште во Дубаи. Напаѓачите ја врзале неговата сопруга и ќерка, а него го натерале да влезе во возило. Жртвите биле спасени благодарение на брза реакција на полицијата.
Властите загрижени
Министерот за внатрешни работи на Франција, Бруно Ретајо, призна дека ситуацијата излегува од контрола и повика на итен состанок со претставници на крипто индустријата за пронаоѓање на заедничко решение за оваа закана.