Странските работници во Хрватска ќе мора да учат јазик за продолжување на дозволата

По една година престој, ќе мора да положат јазичен испит за да продолжат да работат во Хрватска

Хрватската Влада во саборска процедура упати измени на Законот за странци со кои се воведува нов услов за странските работници – задолжително учење и полагање испит по хрватски јазик. По една година престој, странците ќе мора да положат испит на ниво A1.1 за да им биде продолжена дозволата за престој и работа.

Измените се носат со цел усогласување со законодавството на Европската Унија, односно со Директивата за единствена дозвола за престој и работа и Пактот за азил и миграции. Според Министерството за внатрешни работи, целта е поефикасно управување со миграциите, подобра заштита на странските работници и одговор на потребите на пазарот на труд.

Покрај јазичниот услов, се олеснува и промената на работодавач – странските работници ќе можат да го сменат работодавачот по шест месеци работа без издавање нова дозвола, а ќе можат да менуваат и занимања кај истиот работодавач. Продолжени се и роковите за решавање на дозволите, како и периодот на дозволена невработеност за странците со важечка дозвола.

Истовремено, се воведуваат построги правила за работодавачите. Компаниите што ќе се најдат на „црна листа“ поради прекршувања нема да можат да вработуваат странци една година, а обврската за пријавување прекин на работен однос се префрла на работодавачот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни