„Десетици илјади луѓе од цела Србија се собраа на антикорупциски протест во Белград, што се смета за кулминација на месечни демонстрации кои ја потресоа власта на автократскиот претседател Александар Вучиќ. Овој антирежимски протест веројатно ќе биде најголемиот од кој било кога одржан во Србија“, пишува „Гардијан“. „Демонстрантите маршираат низ Белград на масовен протест против претседателот на Србија“ пренесува денешното издание на „Гардијан“.
Италијанските медиуми известуваат: „Огромната маса граѓани кои протестираат во Белград се најголемиот предизвик за чврстата контрола на Вучиќ над власта во Србија“, додека германските медиуми пренесуваат- „ Пролет во Белград – ништо помалку од револуција“
Агенцијата Франс-прес извести дека меѓу активистите собрани близу Претседателството биле забележани познати ултрадесничари, вклучувајќи припадници на поранешната паравоена формација поврзана со убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ во 2003 година. Ѓинѓиќ, кој ги водеше масовните протести кои доведоа до соборување на Слободан Милошевиќ во 2000 година, беше убиен пред точно 22 години од страна на припадници на специјалната единица позната под името „Црвени беретики“.
Меѓународните набљудувачи се сѐ повеќе загрижени за можното насилство врз демонстрантите, откако беа забележани инциденти во кои автомобили намерно навлегуваа меѓу собраните, а некои антикорупциски активисти завршија во болница.
„Одговорот на Србија на овие протести ќе биде клучен тест за нејзината посветеност кон стандардите на Европската унија“, напиша група европратеници од различни партии во писмо до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Србија е кандидат за членство во ЕУ од 2012 година, но напредокот на тој пат е забавен под властите на Вучиќ, особено поради неговата проруска политика во врска со војната во Украина.
Европратениците, од конзервативци до радикалната левица, сметаат дека „ЕУ била премногу попустлива и блага кон владата на Вучиќ“. Во писмото, тие ја повикуваат Урсулa фон дер Лајен да осигури дека Србија ќе ги исполни основните демократски стандарди, како што се „слободни и фер избори, независно судство, плуралистички медиуми и владеење на правото“, пред да добие пристап до фондовите на ЕУ.
Србија треба да добие 1,5 милијарди евра неповратни средства и поволни кредити во рамките на „планот за раст“ на ЕУ за периодот од 2024 до 2027 година.