Финалето на „Stranger Things“ го урна Netflix во новогодишната ноќ

Масовниот интерес за последната епизода предизвика технички проблеми, а социјалните мрежи се преплавија со реакции од фановите

Додека многумина ја пречекаа Новата 2026 година со одбројување и наздравување, дел од светот ја започна годината пред екраните. Стримингот на финалето на серијата Stranger Things на новогодишната ноќ предизвика преоптоварување на платформата Netflix, поради што бројни корисници пријавија падови и технички проблеми.

Според Deadline, веднаш по стартот на финалната епизода, социјалните мрежи беа преплавени со коментари од фанови кои не можеле непречено да ја следат последната епизода од серијата.

„Мојот Netflix се сруши двапати, само три минути по почетокот на финалето на Stranger Things“, напиша еден корисник. Друг, пак, иронично праша: „Што значи ова – Netflix падна токму сега?“, објавувајќи монтажен клип од серијата.

Рекордни бројки за последната сезона

И покрај техничките проблеми, интересот за серијата остана огромен. Петтата и последна сезона веднаш се искачи на првото место на глобалната листа на гледаност, со 34,5 милиони прегледи веднаш по објавувањето.

Од премиерата на првиот дел во ноември, финалната сезона досега има остварено вкупно 137,1 милион прегледи, потврдувајќи го статусот на Stranger Things како една од најгледаните и највлијателни серии во историјата на Netflix.

Крај на една ера

Со ова финале, официјално се затвора едно од најпопуларните телевизиски поглавја на последната деценија. Реакциите на публиката – од воодушевување до фрустрација поради техничките проблеми – уште еднаш покажаа колку серијата има силна и лојална глобална фан-база.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни