Кога платите се мали, а стравот голем: штрајк во мрак

Работниците се повикуваат да излезат на улица без да бидат препознаени, поради страв од закани и притисоци пред најавениот протест.

Работниците кои најавија штрајк и протест повикаа учесниците да дојдат „во мрак“, со цел да не бидат препознаени и да се заштитат од евентуални закани и притисоци. Повикот се шири на социјалните мрежи во пресрет на протестот за зголемување на платите и подобрување на работничките услови.

Лидерот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, порача дека протестот не е само за сегашните работници, туку и за иднината на нивните семејства.

„Овој протест е за вашите деца, за вашите ќерки, за вашите синови. Овој протест е и за вашите внуки, за вашите внуци, за да ги зачуваме нашите семејства во Македонија и да не ни заминуваат во странство“, порача Трендафилов.

Тој ги повика работниците да се приклучат на протестот и покрај стравот од закани.

„Облечете се топло, ставете капа, шал и дојдете на улица во мракот со работниците за да не ве препознае никој доколку ви се закануваат. Ве молам да разберете дека ако не дојдете, им давате огромна поддршка да не ви ја зголемат платата, дека добро живеете и дека реалноста не постои. А реалноста е друга“, изјави тој.

Протестот е закажан за 17 часот, со собирање пред Работничкиот дом на ССМ, симболот на работничката борба, по што колоната ќе продолжи пред Собранието.

Трендафилов остро реагираше и на односот на пратениците кон синдикалните барања.

„Пратениците се слепи и глуви на предлогот на Сојузот на синдикатите за зголемување на платите, а имаат по две, две и пол и три илјади евра плата“, порача тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни