Автобуси, трамваи и локални возови утринава престанаа да сообраќаат низ Германија, откако работниците во локалниот јавен превоз одговорија на повикот за дводневен штрајк на синдикатот Verdi.
Штрајкот е дел од тековните преговори за колективен договор, во кои синдикатот бара подобри услови за работа, особено во делот на работното време, сменската работа, додатоците за ноќна и викенд работа, како и зголемување на платите. Барањата варираат од сојузна покраина до покраина.
Преговорите опфаќаат околу 150 компании за автобуски, трамвајски и локален железнички превоз со вкупно околу 100.000 вработени, вклучително и во големите градови како Берлин и Хамбург. Дел од превозниците најавија воведување вонредни возни редови за да се ублажат последиците.
Ова е втора национална акција во тековниот круг на колективно преговарање. За време на претходниот штрајк на 2 февруари, јавниот превоз во голем дел од Германија беше речиси целосно блокиран.
Штрајкот предизвика значителни доцнења и прекини во секојдневното функционирање на градовите, а нова рунда разговори меѓу синдикатот и работодавачите се очекува во наредните денови.