„Реминисценции“ на Страхил Петровски: картографија на светлината, празнината и фрагментираниот современ човек

Во новата серија индустриски хартии, цртежи и видео-инсталации, Петровски го истражува судирот меѓу идентитетот, перцепцијата и тивката дистопија на модерниот свет.

Со „Реминисценции“, Страхил Петровски отвора ново поглавје во својот визуелен јазик – поглавје што истовремено е интимно, филозофско и жестоко критичко кон реалноста што ја населуваме. Изложбата ќе биде отворена на 30 декември во Њујорк, во Галерија МЦ.

Делата работени на големи индустриски хартии, заедно со цртежите во комбинирана техника, откриваат еден прочистен, но драматичен простор: место каде фрагментите од светлината, земјата и празнината стануваат сведоци на човекот во потрага по значење.

„Неопходно е да се исчистат вратите на перцепцијата и човекот ќе види сè онакво какво што навистина е – бесконечно“, пишува Вилијам Блејк. Токму оваа мисла е идејната оска околу која се движи новиот опус на Петровски, чија работа се протега од големи хартии со димензии 530×83 см до интимни графички записи. Трите доминантни бои (белата, црвената тула и длабоката црна) како древна мозаична палета, создаваат универзум во кој делата дишат, звучат и пулсираат.

Делата на Петровски често се опишуваат како визуелни партитури – овојпат со ритам што е најблизок до индустриски и прогресивен рок. Во нив е содржана мелодија на празнината, светлината и немирот, одразена како визуелна вибрација што го отвора просторот меѓу личното и колективното. Влијанијата од Tool, Nine Inch Nails и Joy Division не се само музички референции, туку атмосфера: сигнал на духовна и психолошка разграденост што се обидува да најде нова конзистентност.

Апстрактните форми, фрагментирани и на моменти остри, ја поставуваат прастарата потрага по идентитет: каде е фигурата? каде е човекот? каде е трагот на неговото место во свет кој по ужасите на XX век остана без стабилно значење? Во оваа фрагментација, Петровски не нуди решение — туку ја прикажува потребата од ново единство, како што би рекол Адорно, во свет што одамна ја изгубил својата невина структура.

Темите на изгубеност, дистопија и одсуство на „заедничко значење“ продолжуваат во неговите видео-инсталации, каде кадри од војни, запалени дрвја, напуштени простори и фрагменти од урбани трагедии стануваат дел од поетиката на неговиот визуелен јазик. Тоа се слики кои зборуваат за човекот неспособен да се справи со современите и вечните проблеми – од егзистенцијалните до политичките.

Во својата суштина, Петровски создава простор за гледачот да стане сведок на сопствената перцептивна криза. Делата го повикуваат да се соочи со искривеното огледало на модерното јас – огледало испукано од медиумска конфузија, недостиг на критичка мисла и вртлог на идентичностите. „Одиме назад… утре е во прашање… размислувањето е нелегално…“ , фразите што ја следат изложбата звучат како антиутописки хор, предупредување и огледало во исто време.

И токму во оваа нарушеност, Петровски го открива својот најсилен критички импулс: да покаже дека потребата за бунт и преобразба не е привилегија на боговите, туку на човекот. Делата не нудат утеха, туку повик да се преиспита светот, да се преиспитаме самите себе. Тие ни ја враќаат свеста дека трагедијата, корупцијата, општествените пукнатини и личните сомнежи не се крај, туку почеток на ново читање на стварноста.

„Реминисценции“ е сведоштво за човекот во фрагменти, но и за можноста од ново значење — во бојата на светлината, во црвената земја, во црната празнина, во тие монументални листови што стојат пред нас како сведоци на идното и минатото во исто време.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни