ТРН: Како го објаснувате континуираното страдање но, без никаква физичка повреда, што се случува кога соматски ни се одразува она што го мислиме?
Наташа: Страдањето и агресијата се појави што често одат рака под рака во човековото секојдневие. Се преплетуваат во „плетенка“ од безизлезност и цврстина, која доведува до дивеење без јасна цел, но времето има моќ да смири и лекува. Времето може да го покаже патот кон нови спомени и разбирање на себеси.
Што навистина боли? Телото, мислата или тагата? Станува збор за моментален пад или за подлабока рана која нè поттикнува да мислиме на минатото, да се плашиме од иднината или да се чувствуваме сами и ранливи. Овие стравови нè десентизираат, го губиме контактот со сегашноста, го губиме моментот на „тука и сега“ и вистинскиот контакт со себе и со другите.
Оваа состојба носи мешани чувства. Се прашуваме кој е вистинскиот пат, која личност сме или ќе станеме. Сè се е сиво и магливо. Се појавува желба да наштетиме на некого, да повредиме за да се ослободиме од сопствената болка, страдање, затоа што се чувствуваме онеправдани, па агресијата изгледа како одбрана или „лек“.
Ако сме свесни ќе се запрашаме: „Од кого се бранам? Кој ме загрозува? Дали моите зборови или постапки навредуваат некого?“
Агресија често е скриена ранливост – страв од повторна болка, горчина од минати искуства, потреба за прифаќање што недостасувала. Наместо да го откриеме тој внатрешен глас, ние се затвораме и се оддалечуваме од другите, стануваме несвесни за сопствените чувства.
ТРН: Често пати прашањето на тие што поминуваат низ ова е како да излезам од таа состојба, или како да му помогнам на тој до мене да излезе од таа состојба… Што да направиме, како да се справиме?
Наташа: Излезот од овој маѓичен круг е во свесноста и себенабљудувањето. Кога ќе си дозволиме да ја погледнеме и почувствуваме болката, да ѝ дадеме име и да ја разбереме нејзината длабочина, добиваме можност да направиме избор да ја пренасочиме агресијата во конструктивна мисла. Уважувајќи ги замрзнатите емоциите тие не се претвораат во штетно поведение, туку стануваат подржувач кон личен раст и развој.
Прашањето „Како понатаму?“ е неизбежно, а за да го одговориме, потребна ни е храброст да се соочиме со нашите чувства и постапки, да донесеме одлука за промена и исчекориме во промената која следи. Искусувајќи ги нашите контакт функции на подржување : гледање, допирање, мирисање ,слушање и вкусување го правиме првиот чекор и ја отвораме вратата кон свет во кој болката е едно човечко искуство. Полека учиме да распознаваме дека животот носи добро и лошо во секојдневието, разбирајќи дека се дел од нас.Откриваме дека овој свет е полн со светлина, мекост, милозвучност, пријатни мириси и неочекувани вкусови.
Во свесна присутност, страдањето и агресијата ја губат моќта и се претвораат во дозвола: за прифаќање на себеси, за љубопитство кон другите и запознавање на сопствената внатрешна сила.
Поврзувањето на страдањето и агресијата можат да бидат алатки за себеспознавање – можност за личен раст и развој, под услов да им пристапиме со свесност, емпатија и подготвеност да ги прифатиме, разбереме и надминеме.
Руми – Раната е место низ кое навлегува светлината во тебе