Проектот „Страда бруталисима“ се фокусира на бруталистичката архитектура на Скопје, која се смета за уникатен и парадигматски слој од постземјотресната историја на градот. Според авторот и куратор на проектот, д-р Благоја Бајковски, ова не е носталгичен омаж на минатото, туку динамичен извор на знаење за брутализмот во архитектурата, кој ги рефлектира специфичните архитектонски текови по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.
По седум години пауза, Македонија повторно ќе биде дел од епицентарот на Биеналето. Министерот Љутков истакна дека ова учество се совпадна со годинашната тема „Интелигенција. Природна. Вештачка. Колективна.“, што отвара простор за нови архитектонски перспективи. Според него, македонското учество ќе даде свој придонес во глобалната размена на идеи.
Иако на конкурсот пристигнал само еден предлог, членот на стручната комисија, Јован Ивановски, изјави дека проектот бил подложен на детални анализи и дополнувања. Сите членови на комисијата се согласиле дека проектот целосно ги исполнува критериумите за учество.
Проектот „Страда бруталисима“ е поддржан од Националната галерија, која го препозна значењето на проектот поради неговиот акцент на реконструкцијата на Скопје по земјотресот од 1963 година. Директорката на Националната галерија, Маја Неделковска-Брзанова, нагласи дека овој проект претставува важен момент во историјата на македонската архитектура и ќе го истакне нашиот архитектонски идентитет на глобално ниво
Биеналето ќе се одржи од 10 мај до 23 ноември 2025 година, а Македонија ќе биде дел од ексклузивниот круг на само дваесетина земји со свои павилјони во Арсенале.
Со „Страда бруталисима“, македонската архитектура ќе остави силен впечаток во Венеција, претставувајќи ја својата уникатна бруталистичка историја низ современа перспектива!