Најмалку 150 танкери, вклучувајќи ги оние што превезуваат сурова нафта и ЛНГ, се усидрени во отворените води на Персискиот Залив над Хормушкиот теснец, а десетици други се распоредени од другата страна на овој тесен морски премин, покажуваат податоците од бродската навигација во неделата, по американските и израелските напади врз Иран кои ја турнаа целата регија во немир и несигурност.
Танкерите се групирани во отворените води крај крајбрежјето на главните земји производители на нафта во Заливот, меѓу кои се Ирак и Саудиска Арабија, како и големиот производител на течен природен гас, Катар, според податоци од платформата MarineTraffic.
Многу бродови се усидрени во исклучивите економски зони (ИЕЗ) на клучните земји од Персискиот Залив, вклучувајќи го Кувајт и Обединетите Арапски Емирати, додека десетици товарни бродови се распоредени и усидрени во различни ИЕЗ, покажуваат податоците на MarineTraffic.
Околу 20% од светската нафта, вклучувајќи ја и онаа од Саудиска Арабија, ОАЕ, Ирак, Кувајт и Иран, минува преку Хормуз, заедно со големи количини ЛНГ од Катар. Дополнително, најмалку уште сто танкери се усидрени надвор од теснецот покрај обалите и сидриштата на ОАЕ и Оман, заедно со десетици товарни бродови.
По израелско-американскиот напад, неколку сопственици на танкери, нафтени компании и трговски куќи ја прекинале испораката на сурова нафта, гориво и ЛНГ преку Хормуз, а Техеран соопштил дека го затворил за пловидба.
Maersk го стопира целиот сообраќај низ Хормуз
Данскиот бродски гигант Maersk денес објави дека до понатамошно ја стопира целата пловидба низ Хормушкиот теснец поради „влошената безбедносна ситуација во регионот на Блискиот Исток“. Компанијата наведува дека нивниот главен приоритет останува безбедноста на екипажите, бродовите и товарот на клиентите.
„До понатамошно го стопираме целиот сообраќај низ Хормуз. Поради тоа, нашите сервиси што вклучуваат пристаништа во Арапскиот Залив можат да бидат одложени, пренасочени или прилагодени,“ се вели во соопштението на Maersk.
Сообраќајот паднал за 75%
Според стар аналитичар од Kpler, вкупниот сообраќај во теснецот до крајот на вчерашниот ден паднал за околу 75% во споредба со претходниот ден. Димитрис Ампазидис изјави дека до попладнето најголем дел од бродовите во тој регион „направиле полукружен маневар, ја запреле пловидбата или се пренасочиле на алтернативни рути надвор од теснецот“.
Одлуката за прекин на сообраќајот следела по низа инциденти, при што последниот е регистриран во неделата, кога брод на 17 наутички милји од обалата на ОАЕ наводно бил погоден со „непознат пројектил“.