Повеќе стотици илјади луѓе протестираа денеска во Истанбул по повод апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Протестите се одржале на азиската страна на градот, каде демонстрантите носеле турски знамиња и транспаренти на собирот под насловот „Слобода за Имамоглу“. Во таа област биле распоредени силни полициски сили. На собирот било прочитано писмото на Имамоглу, во кое тој напишал:
„Немам страв, вие сте зад мене и покрај мене. Немам страв бидејќи нацијата е обединета. Нацијата е обединета против потиснувачите.“
Во писмото тој додал: „Можат да ме стават во затвор и да ми судат колку сакаат, нацијата покажа дека ќе ги сруши сите замки и клопки.“
Стотици илјади луѓе ширум Турција се одзвале на демонстрациите на кои ја повика опозицијата откако Имамоглу беше приведен минатата недела по обвиненија за корупција. Протестите беа главно мирни, но скоро 2.000 луѓе беа приведени.
Главната опозициона партија, Републиканската народна партија (CHP), други опозициони партии, организации за човекови права и некои западни земји сметаат дека случајот против Имамоглу е политички мотивиран обид за отстранување на потенцијалната закана за Ердоган на изборите.
Лидерот на CHP, Озгӱр Озел, зборувајќи на митингот, изјавил дека милиони Турци бараат ослободување на Имамоглу и нови избори. Тој рекол дека обвиненијата против градоначалникот се неосновани и политички мотивирани. CHP го поддржал Имамоглу како свој кандидат за следните претседателски избори, кои се најавени за 2028 година, но повикува на вонредни избори, тврдејќи дека владата го изгубила легитимитетот.