Стопиран е железничкиот сообраќај низ Србија пред утрешниот голем протест во Белград

Оние пак кои планираат да дојдат со автобус во Белград исто така ќе имаат проблеми, а оние кои ќе тргнат со автомобил ќе ги чекаат гужви на влезот во градот

Во Белград утре студенти и граѓани организираат голем видовденски протест, кој се најавува како кулминација на повеќемесечните блокади и протести.

На протестот се очекуваат повеќе десетици илјади граѓани од целата држава, но за некои пристигнувањето во Белград ќе биде отежнато.

Имено, „Србијавоз“ компанијата одговорна за железничкиот патнички сообраќај, утрово издаде соопштение во кое наведува дека поради дојава за поставени бомби на сите пруги, привремено ќе го стопира сообраќањето на возови.

„Србијавоз ги информира корисниците на услугата дека на 27 јуни 2025 година, во 10:18 часот, е примен повик со анонимна дојава дека на сите возови и пруги се поставени експлозивни направи“, се вели во соопштението.

Во продолжение се наведува дека „сообраќајот на сите возови за превоз на патници е привремено прекинат, сè додека надлежните државни органи не ги извршат потребните проверки“.

Како што пишува белградско „Време“, ова сценарио е веќе видено: претходно, еден ден пред големиот протест во Белград на 15 март, сите меѓуградски возови беа откажани поради наводна закана со бомба. Сообраќајот беше обновен на 16 март.

Оние пак кои планираат да дојдат со автобус во Белград исто така ќе имаат проблеми, пишува порталот.

Засега, единственото нешто што е сигурно е дека, ако тргнувате од Нови Сад, не треба да се потпирате на автобусот. На прашањето дали сообраќајот кон Белград ќе функционира нормално на 28 јуни, од Автобуската станица во Нови Сад велат: „не баш“.

„Многу заминувања веќе се откажани. Јавете се повторно вечерва за да проверите“, вели господинот од другата страна на телефонот.

Глатко до Белград нема да стигнат ниту оние кои би тргнале со автомобил, затоа што на дел од приодит екон српскиот главен град се изведуваат градежни работи, а најлошо е на автопатот од Нови Сад до Белград, каде што моментално се работи на пет делници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни