„Стопен град“ во Чифте амам: урбана имагинација меѓу топлина, меморија и распаѓање

Изложбата на Игор Сековски, под кураторство на д-р Ана Франговска, го претвора градот во жив организам што се топи под тежината на времето и климата.

На 14 ноември (петок), со почеток во 20 часот, во објектот Чифте амам на Националната галерија на Република Северна Македонија ќе биде отворена изложбата „Стопен град“ на уметникот Игор Сековски.

Ова визуелно патување е истражување на градот како жив и чувствителен организам, каде што уметноста се претопува со екологијата, архитектурата и меморијата на просторот. Проектот претставува урбана топлинска имагинација – дијалог меѓу материјата и климата, стабилноста и распадот, реалното и имагинарното.

„Со ‘Стопен град’, Сековски продолжува да го истражува градот како чувствителен, нестабилен организам, овојпат низ призмата на климатските промени и нивното влијание врз материјалната и човечката кревкост,“ вели кураторот д-р Ана Франговска.

Централниот медиум во оваа изложба е парафинот – материјал што се менува под влијание на температурата. Преку него, Сековски го воведува климатскиот фактор како коавтор на делото, прикажувајќи архитектонски структури што се топат, се деформираат и се претвораат во надреални урбани пејзажи.

Изложбената поставка, со „левитирачки“ парафински форми, светлосни сенки и звуци, создава впечаток на град во халуцинација – место каде што се судираат стабилноста и кревкоста, редот и ентропијата.

„Топлината не е само физичка состојба, туку и психолошки и социјален симптом,“ се наведува во текстот на изложбата, каде што градот се претставува како „психогеографија на нестабилност“.

„Стопен град“ ја преосмислува уметноста како лабораторија на трансформации, каде топењето станува симбол на промена, а не на крај. Наместо апокалипса, Сековски нуди визија за град што се претопува за да се обнови, повикувајќи го гледачот да ја замисли иднината пред реалноста да се стопи.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам и Националната галерија на Република Северна Македонија, а изложбата ќе биде отворена до 27 ноември 2025 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни