Граѓанската иницијатива Стоп за Усје денес организира протестен марш во Скопје, кој ќе започне пред Влада на Република Северна Македонија и ќе продолжи кон Министерство за животна средина и просторно планирање.
Од иницијативата најавуваат дека маршот е повик за поефикасна институционална реакција во справувањето со загадувањето на воздухот и за заштита на здравјето на граѓаните. Тие ги повикуваат граѓаните да се приклучат, нагласувајќи дека здравјето е поважно од бизнис-интересите.
Организаторите посочуваат дека и претходно испратиле барања до институциите, но дека не добиле задоволителни одговори, поради што одлучиле повторно јавно да ги изразат своите барања.
Од „Стоп за Усје“ потенцираат дека протестот е граѓански и мирен, без партиски обележја, со апел до учесниците да нема говор на омраза и инциденти.
Протестниот марш се надоврзува на серија граѓански реакции поврзани со загадувањето на воздухот во Скопје и барањата за построги контроли и мерки кон индустриските загадувачи.
