„Стоп за Усје“ денеска организира нов протест и блокада

Граѓанската иницијатива бара независен мониторинг и институционална реакција поради аерозагадувањето во Скопје

Граѓанската иницијатива Стоп за Усје денеска организира нов протест и блокада на сообраќајот кај цементарницата Усје, изразувајќи незадоволство од, како што велат, отсуството на реална институционална реакција и недовербата во постојниот систем на мерење на загадувањето.

Вториот протест е најавен за 18 часот, а ќе се одржи на крстосницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“, една од клучните сообраќајни артерии што води кон индустрискиот капацитет. Организаторите најавуваат блокада на сообраќајот како форма на притисок врз надлежните институции да преземат конкретни чекори.

Протестот е продолжение на собирот одржан на 26 декември 2025 година. Активистите велат дека, и покрај претходните јавни апели, не е направен напредок во справувањето со проблемот со аерозагадувањето, поради што се одлучиле на порадикални форми на јавно дејствување.

Во фокусот на барањата е начинот на кој се врши надзорот врз работата на Цементарница Усје. Според постојната регулатива, фабриката самостојно ги врши мерењата на квалитетот на воздухот и податоците ги доставува до институциите на месечно ниво. За граѓаните, ваквиот модел на само-мониторинг претставува конфликт на интереси и причина за длабока недоверба.

Иницијативата бара поставување независни мерни станици под директна контрола на државни или независни тела, кои би овозможиле 24-часовен мониторинг во реално време. Според нив, само таков систем може да даде кредибилна слика за тоа дали се надминуваат дозволените гранични вредности и да ја елиминира можноста за манипулација со податоците.

Од друга страна, од ТИТАН Усје, која е дел од Titan Group, континуирано ги отфрлаат обвинувањата дека се главен загадувач во Скопје. Компанијата се повикува на поседување А-интегрирана еколошка дозвола и тврди дека работи во согласност со законската регулатива и европските стандарди.

Од ТИТАН Усје наведуваат дека излезните гасови од оџаците се под постојан 24-часовен независен мониторинг, дека резултатите се јавно достапни и дека регулативата што ја применуваат е идентична со онаа на Европската Унија. Истовремено, компанијата посочува дека загадувањето во Скопје е резултат на повеќе фактори, меѓу кои и сообраќајот и домашното затоплување.

Локалното население, пак, инсистира дека емисиите од фабриката се особено интензивни во ноќните часови и дека проблемот не може да се релативизира без целосно независен и транспарентен надзор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни