Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ најави граѓанска блокада во четврток, 25 декември, со почеток во 18:00 часот, на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во Скопје. Од иницијативата велат дека протестот е одговор на, како што го оценуваат, долгогодишното жртвување на јавното здравје на граѓаните во корист на профитни интереси.
Покрај блокадата, најавена е и прес-конференција, на која јавно ќе бидат изнесени конкретни барања до надлежните институции. Целта, според организаторите, е конечно и трајно решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје, за кое тврдат дека е директно поврзано со работењето на Цементара Усје.
Од „Стоп за Усје“ порачуваат дека блокадата е замислена како мирен, но решителен протест, насочен против, како што наведуваат, континуираното загадување и труење на жителите на градот. Според нив, проблемот со години се одвива со знаење и толеранција од страна на институциите, наместо со соодветна заштита на јавното здравје.
„Наместо институционална реакција и санкционирање, сведоци сме на игнорирање на алармантни податоци, неделување и прикривање на одговорноста“, се наведува во соопштението на иницијативата.
Од таму додаваат дека пораката на протестот е јасна – повеќе нема да се молчи и нема да се одложува граѓанскиот револт, ниту пак ќе се прифати здравјето на луѓето да биде жртвувано на сметка на економски интереси. Според иницијативата, загадувањето на воздухот не е изолиран инцидент, туку системски проблем што бара итна и транспарентна институционална реакција.
Протестот доаѓа во период кога загадувањето на воздухот повторно е меѓу главните еколошки и здравствени проблеми во главниот град, а граѓанските иницијативи сè почесто преземаат улога на притисок врз институциите за построги контроли и одговорност.