Граѓаните кои денеска низ Србија ги оставаат своите потписи во рамки на студентската акција „Распиши победа“ не потпишуваат официјална петиција, ниту пак се работи за потписи што ќе бидат доставени до државни институции, појаснуваат студентите-организатори.
Студентката од Филозофскиот факултет во Нови Сад, Ана Марија, во изјава за N1 Beograd објасни дека граѓаните при потпишувањето оставаат основни податоци – име и презиме, година на раѓање, општина од која доаѓаат, како и електронска пошта и телефонски број.
Оние што сакаат, можат дополнително да дадат согласност студентите да ги контактираат во иднина, за потребите на наредни акции или евентуална предизборна кампања. Како што нагласуваат студентите, давањето таква согласност е доброволно.
Собраните податоци се чуваат во студентска база и, според организаторите, служат исклучиво за „пребројување“ на поддршката, односно за добивање појасна слика за тоа колкава е реалната поддршка за студентската листа и за идејата за вонредни парламентарни избори.
Бидејќи не станува збор за формално-правен барање или официјална петиција, од граѓаните не се бараат матичен број или број на лична карта, што, како што велат студентите, е важно за заштита на личните податоци.
„Се умрежуваме со граѓаните и создаваме мрежа на солидарност. Потпишувањето ни дава пообјективна слика на кои граѓани можеме да сметаме“, изјави студентката за N1.
Акцијата „Распиши победа“ се одржува на повеќе од 400 локации низ земјата, во над 100 градови и општини, каде граѓаните можат да ја изразат својата поддршка на речиси 500 штандови.
