Што се случува во телото кога пиете алкохол?

Алкохолот се апсорбира за неколку минути и влијае на мозокот, црниот дроб и целиот организам – експертите објаснуваат како делува во телото.

Повеќето луѓе знаат дека алкохолот влијае на начинот на кој размислуваме, се однесуваме и се чувствуваме. Но малкумина точно знаат што се случува во организмот од моментот кога ќе се испие првата голтка.

Различните алкохолни пијалаци содржат различен процент алкохол. Како стандардно пијало се смета она што содржи околу 14 грама чист алкохол. Колку е поголема количината што се консумира, толку посилен е ефектот врз организмот.

Каде се апсорбира алкохолот во телото

Алкохолот почнува да се апсорбира веднаш по консумирањето. Мал дел се апсорбира преку малите крвни садови во устата и јазикот.

Кога ќе стигне во желудникот, околу 20 проценти од внесениот алкохол се апсорбира во крвта. Поголемиот дел, меѓу 75 и 85 проценти, се апсорбира во тенкото црево, од каде преку крвотокот се пренесува низ целото тело.

Како алкохолот влијае на органите

Крвоток

Алкохолот циркулира низ телото сè додека црниот дроб целосно не го разгради.

Црн дроб

Црниот дроб разградува околу 80 до 90 проценти од внесениот алкохол, претворајќи го во вода, јаглерод диоксид и енергија. Вообичаено, црниот дроб може да разгради количина еквивалентна на едно стандардно пијало на час.

Бубрези

Алкохолот ги „присилува“ бубрезите да работат повеќе. Тие произведуваат повеќе урина за да ги исфрлат отпадните материи од организмот. Околу 10 проценти од алкохолот се излачува преку урината.

Мозок

Алкохолот стигнува до мозокот во рок од пет до десет минути. Тој може да предизвика промени во расположението, проблеми со размислувањето и координацијата, како и проблеми со меморијата.

Бели дробови и кожа

Дел од алкохолот испарува преку белите дробови – околу осум проценти се издишува. Мала количина испарува и преку кожата.

Алкохолот и бременоста

Кај бремените жени алкохолот поминува низ плацентата и директно стигнува до плодот. Бидејќи плодот не може да го разгради алкохолот како возрасните, експертите предупредуваат дека консумирањето алкохол не се препорачува во ниту една фаза од бременоста.

Алкохолот на празен стомак

Брзината на апсорпција на алкохолот се разликува од човек до човек. Жените, помладите лица и луѓето со помала телесна тежина обично побрзо го апсорбираат алкохолот.

Ако се консумира алкохол на празен желудник, тој многу побрзо преминува во тенкото црево, каде што најголемиот дел се апсорбира во крвта. Тоа ги засилува негативните ефекти како нарушено размислување, лоша координација и зголемен ризик од повреди.

Брзото консумирање големи количини алкохол на празен стомак може да биде особено опасно и во екстремни случаи да доведе до сериозни повреди или дури и смрт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни