Што се случи со МКЦ помеѓу 2019 и 2025?

Од продукциско срце на младинската сцена до тивка програмска администрација

Редакцијата на Трн дојде до деталните статистики за работењето на Младински културен центар во 2019 и 2025 година, кои ги опфаќаат бројот на реализирани настани, вкупната посетеност и продадените билети. Во 2019 година, МКЦ реализирал 666 настани со вкупно 113.285 посетители. Во 2025 година, според интерните евиденции, вкупната посетеност изнесува 23.045 лица, со 4.531 продадени билети, при што фестивалските настани се јасно означени и издвоени во податоците. Разликата меѓу овие две години не претставува обична програмска флуктуација, туку документ за системско празнење на една институција што некогаш беше културна лабораторија на градот. Помеѓу овие две години не се изгубени само настани – изгубена е улогата на МКЦ како активен продуцент, простор за преземање ризици и двигател на младинската сцена.

МКЦ како ритам, не како институција

Во 2019 година, МКЦ функционираше како жив културен организам. Програмата не беше само календар, туку ритам што ги поврзуваше концертите, театарските претстави, филмските проекции, изложбите, книжевните промоции, разговорите и работилниците. Големиот број на настани не беше резултат на квантитет без насока, туку на јасна програмска логика и активна продукциска улога на институцијата. МКЦ беше место каде се создаваше сцена, а не само простор каде таа повремено се појавуваше.

Помалку настани, помалку своја програма

Во 2025 година, бројот на евидентирани настани е значително помал, но уште поважно е што се менува нивната структура. Додека во 2019 година доминираа повторливи формати, програмски циклуси и континуирани линии што се развиваа низ целата година, во 2025 година најчесто се појавуваат изолирани, еднократни настани без јасна поврзаност и без надградба. МКЦ и понатаму има календар, но сè помалку има сопствена, препознатлива програма што создава континуитет и идентитет.

Од сцена што продуцира до простор за изнајмување

Статистиките покажуваат и суштинска институционална трансформација. Во 2019 година, МКЦ често настапуваше како иницијатор, продуцент или ко-продуцент, преземајќи уреднички и продукциски ризик. Во 2025 година, доминира моделот во кој институцијата обезбедува простор, термин и техничка поддршка, додека содржината доаѓа од надворешни организатори. Овој модел сам по себе не е проблематичен, но кога станува доминантен, МКЦ престанува да биде сцена што создава и се претвора во простор за изнајмување.

Од културна лабораторија до место за тезги

Најтешко мерливата, но најочигледна промена е исчезнувањето на ризикот. Во 2019 година, значителен дел од програмата беше составен од работилници, разговори, експериментални формати и настани што не беа водени од комерцијална логика. Тоа беше простор каде не секој обид мораше да успее, но секој обид беше можен. Во 2025 година, ваквите формати се маргинализирани. Програмата станува побезбедна, поунифицирана и поадминистративна. Наместо културна лабораторија, МКЦ сè повеќе наликува на место за тезги – каде различни актери доаѓаат со готов производ, а институцијата ја има улогата на распределувач на простор.

Оваа трансформација не остана незабележана ниту во јавниот културен простор. Во еден од текстовите на Трн, насловен „Аца Лукас и турбо фолкот го освоија МКЦ“, аудицијата на Аца Лукас не беше читана како инцидент, туку како јасен сигнал за промена на културната логика на МКЦ. Не стануваше збор за напад врз изведувачот, туку за дијагноза на процес во кој институцијата што некогаш беше засолниште за алтернативната сцена почнува да функционира според логика на комерцијален календар, каде што содржината се вреднува според полнење на сала, а не според културна вредност.

Промена на моделот, не само на бројките

Кога бројките се гледаат изолирано, лесно е да се протолкуваат како резултат на различни околности или програмски приоритети. Но кога се читаат заедно со промената на структурата и улогата на институцијата, станува јасно дека станува збор за промена на моделот на функционирање. МКЦ постепено се поместува од активен културен актер кон административен координатор, од простор што охрабрува експеримент и ризик кон програма што фаворизира сигурност и предвидливост. Ова не е нагол колапс, туку тивко, системско повлекување.

Раководството, 2021 како пресврт и улогата на Град Скопје

Промените во програмската логика на МКЦ не можат да се читаат без јасно разграничување по периоди. Во 2019 година, институцијата функционира под еден модел на управување и програмска автономија. Во 2024 година, за директор на МКЦ е именуван Арбен Бени Шакири, избор што уште тогаш беше проследен со јавни реакции и протести од дел од културната и младинската сцена.

Во 2019 година, кога се најавуваше смена на директорската функција во МКЦ, над 250 уметници и културни работници испратија отворено писмо до тогашниот премиер, со апел да не се наруши континуитетот на работа на институцијата. Во писмото беше изразена загриженост дека најавениот избор за директор, меѓу кои и Арбен Бени Шакири, не е во духот на независната сцена — што времето го претвори од предупредување во опис на реалноста.

Ова не значи дека целата одговорност е персонална. Град Скопје, како основач и финансиер на МКЦ, директно го поставува моделот на управување, буџетските рамки и очекувањата од институцијата. Но директорот е тој што таа рамка ја претвора во секојдневна програмска пракса. Кога бројките покажуваат драматичен пад на посетеноста и губење на продукцискиот идентитет, тие не можат да се читаат одвоено од периодот по 2021 година.

Што навистина се случи?

МКЦ не исчезнал и не е формално укинат. Но помеѓу 2019 и 2025 година, ја изгубил улогата на културен мотор на градот. Од институција што создаваше сцена, станал институција што ја одржува – минимално и без амбиција да ја турка напред.

Во овој период, МКЦ не загуби само програма и посетеност, туку и цели генерации што го сочинуваа неговото јадро. Тоа беше дом на млади луѓе кои се препознаваа во неговата суштина – суштина што денес е суштински променета. Прашањето повеќе не е дали тие генерации се враќаат, туку дали воопшто ќе постои простор во кој повторно ќе се препознаат, каде ќе творат и каде ќе сакаат повторно да се градат – и себеси, и духот на градот. Зашто тие не се една одмината фаза: тие се постулатот врз кој се гради сè она што градот ќе продолжи да биде.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни