Животот не ни должи среќа. Не ни должи удобност, работа што ќе нè исполни, ниту општество што функционира беспрекорно. Не ни должи совршен партнер, ниту финансиска стабилност, ниту здрав воздух или праведна држава. Животот не е конструкт создаден да ги исполни нашите потреби, иако ние мислиме дека е.
Животот не ни должи ништо.
Не како осуда, туку како тивка, речиси духовна констатација. Не како казна, туку како пресвртна точка – особено тогаш кога престануваме да ја бараме смислата надвор од себе и почнуваме да ја градиме одвнатре. И токму затоа, наместо да нè обесхрабри, оваа вистина нè враќа во суштинска позиција на зрелост.
Животот не е непријател, ниту долг што треба да се наплати. Тој е простор – отворен, непредвидлив, но секогаш достапен за оние што се подготвени да градат. Простор во кој не сме гости, но и не сме суверени. Простор што не ни ветува ништо, но секогаш ни дозволува да создадеме нешто.
Во свет кој нè убедува дека среќата е поврзана со список од исполнети точки – диплома, стабилна работа, партнер, деца, дом, финансиска сигурност – лесно забораваме дека голем дел од тие стандарди не се наши, туку доаѓаат како општествени конструкции. И уште полесно забораваме дека многу од нив зависат од системот во кој живееме, а не од нашето внатрешно битие.
Но, токму тука се крие парадоксот: кога општеството не ги исполнува своите обврски, нашата среќа не смее да стане негов заложник. Вистинската среќа (онаа што трае подолго од изборен циклус и подлабоко од моментална привилегија) не е резултат на надворешни околности, туку на лични одлуки.
Среќата не е услуга што ја добиваме, туку став што го градиме.
Вистински среќниот човек ја прифаќа реалноста таква каква што е. Не затоа што се предал на системот, туку затоа што престанал да очекува животот да се усогласи со неговите желби само затоа што се искрени. Прифаќањето е чин на зрелост, не на пасивност. Тоа е љубов кон „она што е“, додека борбата за подобро останува жив избор, а не извор на разочарување.
Бидејќи она што го доживуваме не е одмазда, ниту неправда – туку резултат на изборите што ги правиме и изборите што ги избегнуваме.
Резултат на она што сме го дозволиле, на она што сме го премолчеле, на навиките што сме ги посеале. И на политичката и општествената реалност што сме ја прифатиле како „неменлива“, иако секојдневно ја репродуцираме со своите постапки.
Секој пат кога бараме надворешен виновник, ја губиме можноста да ја разбереме сопствената моќ. А кога човек ќе ја изгуби својата моќ, ништо во животот повеќе не изгледа негово.
Во општествено-политички контекст, ова сознание има уште една димензија: ни државата, ни власта, ни општеството не ни должат совршен живот само затоа што живееме во него. Нивото на институциите, квалитетот на политичарите, културата на јавниот морал – сето тоа е одраз на изборите што ние самите ги правиме, активно или пасивно. Понекогаш гласаме, понекогаш молчиме, понекогаш се откажуваме. Но секоја од тие позиции создава свет во кој потоа мораме да живееме. И колку и да сакаме да ја поставиме вината надвор од себе, дел од последиците што ги живееме се последица на колективни избори што со години ги повторуваме.
Прифаќањето дека животот не ни должи ништо не треба да нè обесхрабри, туку да не ослободи.
Тоа е ослободување од лажните очекувања. Ослободување од идејата дека некој ќе дојде да ни ја донесе среќата во раце. Ослободување од мислата дека болката има адреса, а неправдата има службен печат.
Во вистината постои убавината: Кога ќе признаеме дека ништо не ни е задолжително дадено, почнуваме да гледаме што сè ни е дадено како подарок. Моментите во кои сме смееле. Луѓето што нè сакале или луѓето што нешто нè научиле. Домот во кој сме растеле. Градот во кој живееме. Па дури и сите мали удобности кои лесно ги забораваме.
Животот не ни должи правда, но ние си должиме искреност.
Искреност да признаеме што навистина сакаме. Искреност да признаеме што навистина НЕ сакаме. Искреност да признаеме што сме дозволиле. Искреност да се запрашаме: каков живот градиме со изборите кои секојдневно ги правиме?
Слобода почнува кога престануваме да чекаме на тоа животот да се сожали.
Чекањето е најголемата стапица.
Чекаме признание. Чекаме „подобро време“. Чекаме некој да нè примети, да нè разбере, да нè спаси, да нè извлече. Но животот не се движи со нашите очекувања.
Тоа што го чекаме – често не доаѓа.
Колективната зрелост не се мери по тоа што го бараме од власта, туку по тоа што го бараме од себе.
А кога личната одговорност ќе стане колективна навика, политичкиот систем престанува да биде непријател и станува алатка.
Дотогаш, ќе живееме во ист круг: очекувања што никој не може да ги исполни и разочарувања што никој не ги признава.
Затоа најголемата внатрешна промена започнува со најтивката одлука: Кога ќе престанеме да чекаме нешто да ни биде дадено, тогаш почнуваме да градиме.
И токму во тој момент, животот престанува да биде долг и станува простор. Простор што не ни должи ништо, но ни дозволува да создадеме сè. Животот не е тоа што ни следува туку тоа што одлучуваме да го создадеме.
