Македонците најчесто купуваат облека онлајн, електрониката и храната ретко

63,2% од интернет корисниците купуваат онлајн, но доминира модата, додека храната, лековите и електрониката остануваат со ниска застапеност

Според „Прегледот на е-трговијата во Западен Балкан 2025“ изработен од Асоцијација за е-трговија на Северна Македонија, 63,2% од македонските интернет корисници купуваат онлајн. Податоците од Евростат за 2024 година покажуваат дека земјата е над повеќето соседи во регионот, но сè уште под европскиот просек од 76,6%.

Модата убедливо води

Дури 73,9% од македонските онлајн купувачи нарачале облека, обувки или модни додатоци, што ја прави модата најдоминантна категорија – и над европскиот просек.

Значително помал интерес има за други производи: 25,3% од купувачите нарачале спортска опрема, 21,8% козметика и „wellness“ производи, 12,4% домашни и градинарски производи, 11,4% компјутери, таблети и мобилни уреди, додека 9,1% купиле детски играчки и производи за нега на деца.

Особено ниска е застапеноста кај средствата за чистење (7,9%), лекови и додатоци во исхраната (7,7%), храна и пијалаци (7,6%), како и електроника и апарати за домаќинство – само 2,3%.

Услугите над европскиот просек

Во делот на услугите, македонските корисници се поактивни.

44,1% од онлајн купувачите платиле интернет или мобилни услуги онлајн – речиси двојно повеќе од европскиот просек од 22,4%.

33,7% платиле комунални услуги преку интернет, исто така над европскиот просек од 13,2%.

18,3% резервирале транспорт, а 15,5% хотелско сместување. Платените дигитални содржини остануваат со ниска застапеност – само 1,4% претплати за музички стриминг.

„Македонските онлајн купувачи се најактивни во модата и во плаќањето претплати за интернет и мобилни услуги, каде што сме над европскиот просек. Во другите категории постои јасен простор за раст“, изјави Нина Ангеловска Станков.

Таа посочи дека само 7,7% од македонските купувачи нарачуваат лекови или додатоци во исхраната, во споредба со 48,3% во Шведска и 36,6% во Грција, што укажува на неискористен потенцијал.

Регионален преглед

Извештајот беше презентиран на 8-та регионална конференција за е-трговија во Скопје. Како седмо издание од серијата, публикацијата по вторпат е објавена на англиски јазик и ги опфаќа Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Податоците се базирани на анкета од Државниот завод за статистика и се однесуваат на првото тримесечје од годината.

Според анализата, покрај модата и услугите, постои значителен потенцијал за проширување на онлајн понудата во категориите како храна, електроника и фармацевтски производи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни