Сто дена од трагедијата во Кочани – иницијативата „Кој е следен?“ го обвинува Собранието за неодговорност и поткопување на правото на протест

По навршување на 100 дена од трагедијата во Кочани, „Кој е следен?“ излезе со реакција во која го обвинува Собранието на Република Северна Македонија за целосна институционална неодговорност и игнорирање на граѓанските барања за одговорност.

Во нивната објава се наведува дека, наместо итно и соодветно делување, Собранието си земало двонеделна пауза по трагедијата, иако, според Уставот, е во постојано заседание. Надзорната расправа за случајот била изгласана дури по трет обид, и тоа без консензус меѓу политичките партии, што Иницијативата го смета за срамен однос кон трагедија од ваков обем.

„Пратениците од собраниската говорница направија политички спектакл од трагедијата, собирајќи евтини поени, наместо да покажат одговорност и почит кон жртвите и нивните семејства“, стои во објавата. Дополнително, се критикува одлуката на пратениците да прераспределат буџетски средства за споменик, наместо тие да бидат доделени како поддршка за повредените и семејствата на загинатите.

Иницијативата укажува и на обиди за ограничување на правото на протест. Како што наведуваат, предложен е закон со кој се забрануваат јавни собири околу Собранието – потег што, според нив, е директно кршење на Уставот и меѓународното право за слобода на движење и изразување.

„Нас не нè слушаат, не сакаат ни да нè видат. Наместо правда, добиваме молк и репресија“, порачуваат од „Кој е следен?“, најавувајќи дека нивната борба продолжува сè додека одговорните не бидат изведени пред лице на правдата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни