Што ако Охрид навистина влезе на Листата на светско наследство во опасност?

Можното ставање на Охрид на Листата „во опасност“ не е само симболичен потег на УНЕСКО, туку сигнал дека регионот е пред точка на сериозен пресврт.

Додека се чека одлуката на УНЕСКО за статусот на Охридскиот Регион, во јавноста сè почесто се поставува прашањето: што реално значи ако Охрид се најде на Листата на светско наследство во опасност?

Не е бришење, туку предупредување

Прво и најважно – впишувањето на Листата во опасност не значи губење на статусот на светско наследство. Тоа е механизам на УНЕСКО за алармирање дека одредено подрачје се соочува со сериозни закани: урбанизација, еколошки притисоци, инфраструктурни зафати или лошо управување.

Со други зборови, тоа е жолт картон, не црвен.

Засилен меѓународен надзор

Ако Охрид влезе на листата, тоа би значело почести мониторинг мисии од меѓународни експерти, добивање конкретни рокови за спроведување мерки и зголемен притисок за испорачување јасни резултати наместо стратегии што остануваат само на хартија. Со тоа, управувањето со регионот станува меѓународно видливо и проверливо.

Удар по имиџот – но и шанса за пресврт

Статус „во опасност“ може да има негативен ефект врз имиџот на дестинацијата, особено во туристички контекст. За земја што се претставува преку Охрид како симбол на културно и природно наследство, тоа е сериозен сигнал.

Но парадоксално, токму овој притисок често ги тера државите конечно да преземат мерки што со години се одложуваат – отстранување дивоградби, контрола на крајбрежјето, подобро урбанистичко планирање.

Вистинското прашање не е листата, туку состојбата

Експертите за наследство често посочуваат дека клучниот проблем не е дали Охрид ќе се најде на некоја листа, туку дали реално се штити неговата исклучителна универзална вредност.

Ако состојбата на терен остане иста, листите стануваат секундарни. Ако има реални промени, статусот може повторно да се подобри.

Останува да видиме дали и колку Лвадата и локалните власти ќе бидат подготвени да сменат нешто во начинот на кој го доживуваме и цениме нашето најголемо национално богатство и да го заштитат неговиот статус во светски рамки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни