Летањето можеби е практично, но за кожата често претставува вистински предизвик. Сувиот воздух, климатизацијата и рециклираниот кислород во кабината може да предизвикаат дехидратација и иритација, а според експертите изборот на седиште игра голема улога во тоа како ќе изгледа кожата по летот.
Поранешната стјуардеса и советничка за нега на кожа Даниела Луиз објаснува дека влажноста во авионот може да падне под 20 проценти, што, како што вели, е посуво дури и од услови во пустина. Затоа кожата за време на лет губи влага побрзо отколку во која било друга ситуација. Најпроблематични за кожата се седиштата до прозорец. Патниците што седат таму се изложени на поголемо UV-зрачење, а протокот на воздух е послаб, што дополнително го забрзува сушењето.
Наспроти тоа, најповолни седишта за кожата се оние покрај премин, особено во средниот дел од кабината, каде протокот на воздух е порамномерен и нема нагли падови на влажноста. Најкритичните зони во авионот, кога станува збор за дехидратација на кожата, се во првите и последните пет редови.
Таму најмногу се менуваат температурата и насоката на струење на воздухот, па кожата побрзо реагира. Истражувањата меѓу патниците покажуваат дека оние кои седат во централниот блок (на пример B, C, D и E во широкотрупни авиони) пријавуваат помалку затегање и пецкање на кожата по летот. Даниела нагласува колку изборот на седиште влијае на состојбата на кожата, истакнувајќи дека седиштата до прозорец се најизложени на UV-зрачење, дури и во облачни денови, бидејќи сте илјадници стапки поблиску до сонцето и светлината се рефлектира од облаците што е рецепт за дехидратација.
Таа додава дека ниту предниот ниту задниот дел од кабината не се добар избор, бидејќи и таму е забележан драматичен пад на влажноста. Особено предупредува патници кои користат активни состојки во нега на кожа, како ретинол или киселини, бидејќи кожата може многу брзо да ја изгуби влагата. Стручњаците препорачуваат кожата да се хидрира пред лет, да се избегнуваат агресивни препарати и за време на патувањето да се пие доволно вода а идеално е и да се избере седиште што најмалку ќе ѝ штети на кожата.