Европскиот форум Алпбах: шанса за младите од Македонија

Отворени се апликациите за стипендиската програма на Европскиот форум Алпбах 2026, која им овозможува на младите од 18 до 30 години да учествуваат во европски дијалог со експерти, академици и носители на политики.

Европскиот форум Алпбах претставува една меѓународнa платформa која повеќе децении обединува студенти, млади професионалци, академици, носители на одлуки и експерти од различни области. Секоја година, во алпското село Алпбах во Австрија, се отвора простор за дијалог и размена на идеи за клучни европски и глобални прашања. Форумот трае две недели, од 24 август до 4 септември 2026 година, a oвогодинешната тема на Форумот е „Како Европа победува?“, тема која ги повикува учесниците да размислуваат за иднината на Европа, нејзините предизвици и можностите за заеднички напредок.

Еден од најважните сегменти на Форумот е Стипендиската програма, која овозможува учество на млади луѓе на возраст од 18 до 30 години. Преку оваа програма, избраните учесници добиваат пристап до академски семинари, тематски дискусии и разговори со водечки експерти и носители на политики.

Апликациите за Стипендиската програма на Европскиот форум Алпбах се отворени во периодот од 2 до 22 март 2026 година. Повеќе информации за програмата и условите за аплицирање се достапни на официјалната веб-страница на Европскиот форум Албах.

За многумина млади луѓе, учеството на Форумот претставува искуство кое значајно влијае на нивниот професионален и личен развој. Ана Софеска, стипендистка од 2024 година, го опишува своето искуство како незаборавно:

„Алпбах беше место каде што младите луѓе отворено разговараат за иднината на Европа и за тоа како можеме да придонесеме кон поправедно и поодржливо општество. Освен академските дискусии, најсилен впечаток ми остави енергијата на младите учесници, нивната самодоверба, знаење и подготвеност да ги споделат своите идеи.“

Според неа, посебна вредност имаат и семинарите, каде учесниците работат на практични задачи и сценарија кои ги поврзуваат теоријата и реалните предизвици во општеството. „Тоа беше искуство кое ми помогна да видам како изгледа мојата професија во пракса и ме поттикна да размислувам поотворено и похрабро“, додава таа.

Искуството на Форумот го истакнува и Ана Марија Наумовска, стипендистка од 2025 година, која нагласува дека Алпбах претставува простор за критичко размислување и визионерски идеи за Европа.

„Европскиот форум Алпбах обединува млади луѓе од целиот свет со лидери од политиката, науката, бизнисот и културата. Токму таа размена на идеи и перспективи создава чувство дека навистина можеме да придонесеме кон градење на посилна и подемократска Европа“, вели Наумовска.

Македонија на Форумот е претставена преку Клуб Алпбах Македонија, национално здружение кое повеќе од две децении активно работи на промовирање на вредностите на дијалогот, демократијата и меѓународната соработка. Клубот претставува платформа за поврзување на младите луѓе со експерти, институции и организации, како и за поттикнување на нови иницијативи и партнерства.

Учеството на македонските стипендисти на Форумот не се ограничува само на присуство на предавања и дискусии. Тие често се вклучуваат и како организатори и модератори на настани, со што активно придонесуваат во разговорите за европската иднина. Истовремено, преку културни настани и активности како Меѓународниот базар, тие ја претставуваат македонската култура и традиција пред учесници од целиот свет.

По завршувањето на Форумот, стипендистите остануваат активни во рамките на Клуб Алпбах Македонија, организирајќи настани, дискусии и иницијативи со кои го пренесуваат духот на Алпбах и во локалната заедница. На тој начин, искуството од Форумот продолжува да живее и да инспирира нови генерации млади луѓе.

Отворањето на апликациите за Стипендиската програма претставува можност за младите од Македонија да станат дел од оваа глобална мрежа на идеи, знаење и соработка. Европскиот форум Алпбах, како што велат и самите учесници, не е само академски настан, туку и место каде се создаваат нови перспективи, пријателства и иницијативи кои имаат потенцијал да влијаат врз иднината на Европа.

За сите прашања и дополнителни информации, посетете гo официјалниот профил на Клуб Алпбах Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни