Трн: Мода vs. стил ?
Емилија: Стилот е вонвременски, а модата се поврзуава со тренд, нешто што е модерно во одреден временски интервал. Стилот е сопствен и уникатен начин на облекување на одредена личност и начинот на кој ги носи парчињата на облека. Стилот е она што ја прави облеката на личноста единствена за неа, без истата да зависи од одредени модни тренедови.
Трн: Како се гради стил ?
Емилија: Стилот се гради со текот на годините, со созревањето, со сопствено самонадградување на сите полиња во животот. Во една прилика прочитав дека стилот е облека на мислата и комплетно се сложувам со ова тврдење. Колку ви е мислата за себеси почиста, појасна и немате двоумење, толку стилот ќе ви е порафиниран и со поуникатна стилска естетика.
Трн: Кои се модните трендови за пролет/лето 2024?
Емилија: Модни трендови за престојната сезона има многу. Бели женствени фустани кои потсетуваат на спавачи, шорцеви, панталони со висок струк, панделки во коса и на облека, кожни парчиња и парчиња во металик бои, транспарентни здолништа и реси меѓу другите.
Трн: Дали може ова да биде примарна професија кај нас, може ли да се живее од ова ?
Емилија: За да биде примарна професија од која ќе може сериозно да се заработува, треба да се сменат многу работи. Првенствено, да се развие модната сцена кај нас и критичната маса. Второ да се издиференцира пазарот од таканаречените инфлуенсерки кои сами себе си се прогласуваат со овој епитет и денес секој втор на социјалните медиуми си кажува за себеси дека е инфлуенсер. И трето маркетинг агенциите и маркетинг менаџерите на брендовите да престанат да се водат по лајковите и бројот на следбеници на блогерите/ инфлуенсерите кои ги ангажираат, бидејќи тие не нужно значат продажба за нив. Не сакам да звучам лошо или како да се перчам, но јас со мојата база на следбеници имам донесено многу повеќе продажба на моите соработници од извикани инфлуенсери со десетици илјади следбеници.
Трн: Од кога почна да се интересираш за мода?
Емилија: За мода се интересирам од многу малечка. Уште од градинка и помагав на мајка ми да вади шнитови од Бурда, ме интересираше како се создаваат сите тие прекрасни парчиња што ги носиме. Во основно веќе се појави Non e la Rai и Амбра, Антонела, Илариа, па потоа открив модни списанија Џоја, Џои, Вог, Ел, интернет и модни портали, улична мода… и така до денес само длабоко се вкорени оваа вечна љубов кон модата и се што е убаво и креативно.
Трн: Какви развојни фази имаше блогот ?
Емилија: Блогот помина низ многу развојни фази, да не речам секоро секоја сезона се развиваше во нов правец. И уште не запира развивање на сите полиња на делување. Сите овие фази/ сезони ги отсликува една заедничка работа, автентична содржината, која сметам дека е најаката страна на блогот и одлучноста да не правам компромис на квалитетот на истата.
Трн: На каква философија почива модата? Што има во основата?
Емилија: Модата почива на концепт кој го објаснува дизајнот на парчињата на облека и додатоците и нивната функционалност во секојдневниот живот. Во основата се наоѓаат силуета, линии, боја и текстура на материјал. Барем тоа е мојата философија на модата.
Трн: Кои се најголемите промени последниве години во светот на модата ?
Емилија: Како најпозитивна и најголема промена општо во светот на модата е појавувањето на уличниот стил и сите хероини на уличниот стил кои секојдневно не инспирираат.
Трн: Кои се твоите омилени комбинации, како го опишуваш твојот личен стил?
Емилија: Немам омилени комбинации, тие во најголема мера зависат од моменталното расположение и од приликата за која треба да се облечам. Ако треба да одберам што преферирам да носам и во што најубаво се осеќам, тогаш ќе одберам патики, кежуал спортска облека и ветровки. И сѐ што е со потписот на Росица Мршиќ.
А мојот стил, индивидуален, несекојдневен, експериментален и својствен само за мене. Во една реченица би било фузија од стилови.
Трн: Има ли луѓе со стил кај нас ? Дали сметаш дека во големите модни куќи треба да има модни советници за клиентите како што има надвор ?
Емилија: Секако дека има жени имажи со стил и кај нас. Познавам многу. А во однос на модните советници, за домашните дизајнери, ако го земеме предвид нивниот обем на работа и големината на нивните модни куќи, нема потреба од ваков тип на услуга, бидејќи и самите дизајнери и нивните помошници одлично си ги познаваат клиентите и секогаш знаат што да им препорачаат.
Трн: Кој моден совет е ултимативен кој би го споделила со читателите?
Емилија: If you are not outrageous your not paying attention, ќе изјави Џани Версаче во една прилика. А јас си го врзав овој совет во крпче и го практикувам од моментот кога му ја разбрав поентата.
Трн: Дали модата прави постојано поршински промени за да повлече потрошувачка?
Емилија: Модата тече и се менува и без ние да се сложиме во целост со неа. Македонија е сериозно мал пазар и кај нас ова не се осеќа во голема мера. Куповната моќ нам не ни дозволува да имаме критично основано мислење базирано на лично искуство и засега работите не се толку алармантни. Сепак, мора да работиме барем кај младите да изградиме mindset дека подобро е да имаат вонвременски парчиња на облека отколку модерни и секоја сезона да трупаат купишта алишта кои после 5-6 носења ќе отидат во заборав.
Трн: Има ли кај нас многу трендсетери што слепо ја следат модата без разлика дали им прилега или не?
Емилија: Трендсетери има насекаде, не само кај нас. Не ми пречат толку треендсетерите колку што ми пречи униформираноста и помодарите, и тоа што скоро сите млади девојки изгледаат исто како излозите на брендовите за брза мода. Ова се должи на секојдневното шмукање на содржини на тик ток и недоволно разбирање на тоа што значи да имате сопствен и изграден стил.
Трн: Дали модата е инклузивна ?
Емилија: Модната индустрија тежнее кон тоа да биде инклузивна иако се уште не е во целост. Има уште многу работа на оваа тема, ама секако се чувствува поголема транспарентност и слух за многу повеќе категории на луѓе од претходно.
Трн: Кој дизајнер странски и домашен ти е омилен?
Емилија: Погоре одговорив на еден дел од прашањето, сакам се што е со потписот на Росица Мршиќ. Од странските модни куќи како омилени би ги издвоила Stella McCartney, Dior Диор со Maria Grazia Chiuri, Valentino со Pierpaolo Piccoli и Luis Vuitton со Nikolas Ghesquier. Ама сепак, посебно место во моето срце има Alexander McQueen.
Трн: Што никогаш не би облекла?
Емилија: Никогаш не би облекла нешто во што не се чувствувам удобно и убаво. Нешто што ми ја одзема самодовербата, женственоста и сексапилот.
Трн: Кое е најскапоценото нешто кое го поседуваш ? (парче облека, аксесоар, чанта, чевли )
Емилија: Ако ми верувате, сите парчиња кои ги поседувам за мене се скапоцени, без разлика на цената за која се купени. Имам парчиња од Зара, Ојшо, Манго, Адидас, Норт фејс, Макс Мара, Пинко, Баслер, Масимо Ребеќи, Томи Хилфигер и еден куп брендови кои не се продаваат кај нас.
Трн: Дали имаш плакар како на Кери Бредшо ? И можеби по некој Маноло 😉
Емилија: Плакар како на Кери немам и искрено не би сакала да поседувам толку облека за да го имам. Најважно во него ми е да е се средено и наместено под конец, испрано, испеглано и подготвено за да се носи. А Маноло како бренд ми е премногу извикан. Секогаш повеќе сум тежнеела кон тоа да носам брендови во кои ми е удобно, а не брендови кои се модерни во моментот.
Трн: Модата ги отсликува нашите најдлабоки емоции, колку смели комбинации си подготвен да носиш, толку смело чекориш и меѓу животните предизвици! Како знаеш да се носиш значи меѓу другото како знаеш да се носиш со себе и светот! Дали се согласуваш со ова? Дека има психологија во начинот на облекување и личноста?
Емилија: Зборуваме за цела сериозна наука во психологијата на облекувањето. Колку повеќе ја мастерирате, толку подобро ги читате луѓето околу себе. Начинот на кој се облекуваме директно ги покажува нашите моментални чувства, однесување и желбата за интеракција со други луѓе. Но сепак, смелите комбинации не ги поврзувам со смело чекорење кон животните предизвици, туку со желбата да се биде креативен и да се излезе надвор од сите досадни и предвидливи рамки на модата.
Насловна фотографија: Елена Трајкова