Стигнуваат охрабрувачки информации од Купјанск: Украинската војска го подобрува тактичкиот распоред

Украинските вооружени сили бележат напредок во стратешки важниот град Купјанск во Харковската област, изјави врховниот командант Олександар Сирски, истакнувајќи дека ситуацијата на теренот се движи во позитивен правец.

Сирски соопшти дека одржал координациски состанок со единиците од трагачко-ударната група и тактичката група задолжена за Купјанск, при што добил „охрабрувачки информации“ за оперативната состојба. Според него, украинските единици успеале значително да го подобрат својот тактички распоред во самиот град, при што биле блокирани критични рути кои руските диверзантски и извидувачки групи ги користеле за инфилтрација.

Тој нагласи дека операцијата за расчистување на Купјанск од преостанатите руски сили активно продолжува, додавајќи дека „единствените успеси на окупаторите се на полето на пропагандата“. Истовремено, украинската армија работи на постепено потиснување на руските позиции северно од градот, како и во неколку околни подрачја каде што руските сили сè уште имаат присуство.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени дека Москва не остварила никакви успешни офанзивни операции во последните недели, нагласувајќи дека украинските сили забележале „значително поголем успех на купјанскиот фронт“. Тој повтори дека, и покрај руските тврдења за целосно заземање на градот, украинската страна речиси целосно го има исчистено Купјанск од окупаторските единици.

Купјанск претставува клучна стратешка точка во регионот, бидејќи се наоѓа на раскрсница на важни транспортни коридори, вклучително и железничка мрежа која ја поврзува Русија со источните и јужните делови на Украина. Градот беше окупиран на почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, но украинските сили успеаја да го вратат под своја контрола кон крајот на истата година.

Извор:Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни