Извршниот директор на Apple, Тим Кук, му оддаде почит на покојниот коосновач Стив Џобс на 24 февруари 2026 година, кога тој ќе наполнеше 71 година. По повод роденденот, Steve Jobs Archive ја објави новата збирка писма под наслов „Letters to a Young Creator“.
Кук на платформата X напиша дека Џобс бил „неверојатен лидер, иноватор и пријател чии идеи го придвижија светот напред“, додавајќи дека Apple го слави неговото наследство и визија.
„Letters to a Young Creator“
Збирката е инспирирана од книгата „Letters to a Young Poet“ на Рајнер Марија Рилке, една од омилените книги на Џобс. Во неа се вклучени повеќе од 30 есеи од истакнати имиња од технологијата, бизнисот и уметноста.
Меѓу авторите се Тим Кук, поранешниот дизајнер на Apple – Џони Ајв, извршниот директор на Disney – Боб Ајгер, коосновачот на Pixar – Ед Кетмал, режисерот Џон М. Чу, уметницата Ес Девлин и легендата на рекламирањето Ли Клоу.
Текстовите се напишани како одговор на прашања поставени од поранешни и сегашни членови на архивата на Џобс.
Лорин Пауел Џобс, вдовицата на Стив Џобс, во воведот напиша дека нејзиниот сопруг „напредуваше барајќи луѓе што нудеа ново знаење и свежи перспективи“ и дека се опкружувал со разновидни гласови – музичари, уметници, научници, инженери и хуманитарци.
Совети од најблиските соработници
Тим Кук во својот есеј се наврати на средбата со Џобс во 1998 година, која му го променила животот. Тогаш бил потпретседател во Compaq, а многумина го советувале да не се приклучува на тогаш финансиски ослабената Apple. „Пет минути беа доволни“, напиша Кук. „Никогаш не сум сретнал некој со толкава страст и визија.“
Џони Ајв, кој со Џобс соработуваше речиси 15 години и учествуваше во дизајнот на iPhone, ја истакна неговата „жестока, немирна и енергична љубопитност“. Според него, идеите се кревки и токму затоа мора да се негуваат.
Боб Ајгер, кој соработуваше со Џобс при аквизицијата на Pixar од страна на Disney во 2006 година, порача дека избегнувањето ризик е „смрт за креативноста“ и ги повика младите творци да учат од грешките наместо да се плашат од нив.
Уметницата Џени Холцер го сумираше духот на проектот со едноставната порака: „PLEASE LEAP“ – „Осмели се да скокнеш“.
Наследство што се приближува до 50 години
Објавувањето на збирката доаѓа во година кога Apple ќе ја одбележи 50-годишнината од основањето, на 1 април 2026 година. Џобс, роден на 24 февруари 1955 година, ја коосновал компанијата заедно со Стив Вознијак, пред да го трансформира светот на персоналните компјутери, музиката и мобилната технологија.
Тој почина на 5 октомври 2011 година, на 56-годишна возраст, но неговото влијание врз технологијата и креативната индустрија останува силно и денес.