Ново онлајн радио „Стереолаб“ – Трансформативна моќ на културата, уметноста и независните умови

Стереолаб верува во трансформативната моќ на културата, уметноста и независните умови. Нашата желба е да Ве инспирираме и ангажираме. Го славиме и локалното и глобалното. Го браниме правото да зборуваме слободно. Посветени, овој град да биде достојно место за живеење

Новото online радио „Стереолаб“ кое стартува на 14 февруари, се фокусира на промоцијата на новата независна македонска музика, запознавање на публиката со нови музички тенденции од целиот свет и поттикнување јавна дебата на разновидни теми од областа на културата.

Радиото ќе работи во рамки на Лабораториум и оттука е и нивната мисија да негува средина во која уметниците и креативците слободно се изразуваат и разменуваат идеи, со верба во трансформативната моќ на колективната експресија.

,,Стереолаб верува во трансформативната моќ на културата, уметноста и независните умови. Нашата желба е да Ве инспирираме и ангажираме. Го славиме и локалното и глобалното. Го браниме правото да зборуваме слободно. Посветени, овој град да биде достојно место за живеење”, велат од ,, Стереолаб”.

Главен уредник на радиото е Дарко Јорданов, а за реализација на програмата се ангажирани повеќемина соработници – најголемиот дел од нив се етаблирани радио водители и диџеи, но и млади луѓе, чие време допрва доаѓа.

-Стерео Лаб е замислен како некоја платформа која што ќе промовира особено музички нови артисти и таленти. Би нагласил дека една од битните работи е дека ќе имаме континуирани организирања на живи настапи, концерти кои што ќе бидат стримувани во живо на нашата радио станица и уште една работа би нагласил што е многу важна, надвор од сите овие термини мислам дека навистина имаме некаква солидна екипа на луѓе кои што можат да испорачаат квалитетна радио програма. Ова ќе биде едно јадро, во кое што ќе се баш испреплетат интересите на голем дел на артисти, особено на луѓето кои што би рекле од музичката сцена – вели Дарко.

Марија Каева

Програмата на Стереолаб ќе содржи македонска топ листа на 20 најпопуларни нумери, отворена програма, неделни и месечни авторски емисии/ подкасти, пренос во живо на концерти и други настани кои се одржуваат во Лабораториум. Имајќи предвид дека мултијазичноста ќе биде една од карактеристиките на Стереолаб, ќе се емитува емисија и на албански јазик, како и на други европски јазици, реализирани во соработка со амбасадите во земјава. Една од емисиите ќе биде и „Евтина Струја“ на Марија Каева

-Емисијата Евтина струја ќе биде во склоп на онаа дневна програма. Тоа се термините од понеделник до петок, помеѓу 10 и 14 часот, мене ми припадна средата. Евтина струја, размислував како да се вика емисијата, имав и едно друго име, но некако се поклопи затоа што Евтина струја е нешто на кое што ние сме навикнати, сме растеле со тоа и мислам дека немаше потреба да измислувам ново име или топла вода, некако ми се погоди името и тоа е нешто што сеуште го правиме, во обид нели да бидеме одговорни со ресурсите и се надевам дека ова ќе биде емисија или радио емисија без ефект на стаклена градина – вели Марија.

Стартот на радиото ќе се означи со музички настан  во 21 часот во Лабораториум. Композициите кои првпат ќе бидат изведени во живо на промоцијата на Стереолаб се издадени на компилацијата „10 години љубов“.

Ова прво издание на дискографската куќа Skopska Sekta е инспирирано од песните од соло проектот на Galatheia, но вклучува сосема нови авторски композиции на Gligor Kondovski, Alembic, Joana, Stoj, posle!, Vagina Corporation, Ognen Zlatanov, Svetlost и Lepi Xhoni.

Теа Шалдева

По концертот следат DJ сетови со специјален музички избор на Darko Jordanov и M.I.K.

-На промоцијата на Стерео Лаб, на новата онлајн радио станица, на 14 февруари овде во Лабораториум ќе настапат 8 состави , поточно 8 бендови, 1 соло артистка, соло гитаристка. Пред година ипол кога ја почнав моја дискографска куќа која се вика Скопска секта, првото издание се викаше ,,10 години љубов”, и го направив со идеја да го обележам роденденот на мојот музички соло проект, Галатеа. Иако изданието е достапно веќе година и пол онлајн, тоа никогаш не доживеа концертна промоција и така решивме дека оваа е совршена можност да се промовираат и Стерео Лаб како радио станица, а и оваа музика која досега не е изведена лајв- вели за Трн Теа Шалдева

„Стереолаб“ е нов македонски електронски медиум, кој вонетерот ќе ја промовира современата култура, како двигател на нови идеи и квалитетен јавен простор за различни генерации граѓани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни