Моделот Стефан Спирковски не зборува за здравиот живот како тренд, туку како секојдневна пракса што се гради со време. Од спортско детство, преку период на губење баланс, до свесна одлука фитнесот да стане начин на живот, неговата приказна не е за совршенство, туку за дисциплина, континуитет и реални навики.
Денес, како модел и инфлуенсер, Стефан го користи својот простор за да зборува за тренингот како алатка за ментална стабилност, за патувањата како извор на инспирација и за здравјето како состојба во која телото и умот функционираат заедно. Во разговор за Трн, тој зборува за својот личен баланс, за одговорноста што доаѓа со видливоста и за тоа зошто промената не почнува со мотивација туку со секој мал, доследен чекор.

Трн: Кој е Стефан и што те поттикна да тргнеш по патот на здравиот живот?
Стефан: Стефан е обичен човек како и секој друг, но со дисциплина која ја градев со години. Спортот отсекогаш бил дел од мојот живот. Како дете тренирав фудбал околу пет години и таму ја развив првата љубов кон физичката активност. За жал, поради реалноста во која живееме, каде што шансите не секогаш одат кај оние што најмногу вложуваат, постепено ја изгубив мотивацијата и се повлеков.
Во средношколските години следуваше период кога ноќниот живот и излегувањата го заменија спортот, што резултираше со зголемување на телесната тежина и губење на енергија. Пресвртот се случи кон крајот на четвртата година, кога почнав со фитнес – не од суета, туку од потреба да се чувствувам подобро во сопственото тело. Од тој момент, па сè до денес, тренингот стана дел од моето секојдневие и начин на живот.
Трн: Од каде доаѓа твојата љубов кон тренинзите? Што те држи доследен – мотивација, навика или нешто подлабоко?
Стефан: Љубовта кон фитнесот почна со првите резултати, но остана поради чувството што ми го дава. Освен физичката промена, најголемата разлика ја почувствував на ментално ниво – повеќе фокус, повеќе стабилност и подобар однос кон себе.
Со текот на времето сфатив дека мотивацијата е променлива, но навиката и дисциплината се тие што те држат на патот. Теретаната за мене не е само место за кревање тегови, туку простор каде што се гради карактер, трпение и самодоверба. Тренингот ме научи на конзистентност и одговорност – вредности што ги пренесувам и надвор од салата.
Трн: Како изгледа еден „здрав ден“ за тебе? Што сè го сочинува твојот животен баланс – од физичка активност и исхрана, до одмор, ментален мир и време за себе?
Стефан: Денот најчесто го започнувам со чаша млака вода со цеден лимон, по што следи кардио на празен стомак. Моментално сум во подготовка за фотосесија, што бара поголема дисциплина и одрекувања, особено во исхраната.
Потоа денот го организирам според обврските: снимања, креирање контент или работа на проекти. Во попладневните часови следи тежински тренинг, а во текот на денот често слушам подкасти или аудио-книги, бидејќи менталната стимулација ми е исто толку важна колку и физичката. Се трудам да имам баланс помеѓу активност, фокус и моменти за тишина и одмор.

Трн: Здравиот начин на живот често се сведува на резултати и изглед. Како ти го дефинираш здравјето надвор од визуелниот аспект?
Стефан: За мене, здравјето не е само изглед или процент на масти. Здрав човек е оној што има енергија, ментална стабилност и способност да се справи со секојдневниот стрес. Тоа е чувството дека си функционален, присутен и способен – и физички и психички.
Вистинското здравје значи да можеш да бидеш доследен, да имаш јасна глава, да спиеш мирно и да си во добра релација со себе и со луѓето околу тебе. Изгледот доаѓа како последица, не како главна цел.
Трн: Патувањата се важен дел од твојот животен стил. Што ти носат тие: инспирација, одмор од рутината или нов поглед кон себе и светот?
Стефан: Патувањата отсекогаш биле моја пасија. Денес тие се и инспирација и бегство од рутината. Ми даваат нова перспектива, ме потсетуваат колку е светот поголем од секојдневните проблеми и ме учат на адаптација.
Преку патувањата сакам да пренесам автентични приказни, култури и емоции до мојата публика. Истражувањето на нови места ме полни со креативна енергија и ми помага подобро да се запознаам себеси во различни околности.
Трн: Како ја гледаш својата улога во промовирањето на подобар и посвесен начин на живот кај луѓето?
Стефан: Свесен сум дека видливоста носи одговорност. Затоа се трудам моето влијание да биде реално и корисно. Споделувам знаење за тренинг, исхрана и навики што ги применувам со години, без нереални ветувања и без глумење совршенство.
Мојата цел не е да инспирирам со идеален живот, туку со конзистентност и искрен процес. Ако некој преку мојот контент направи мал чекор кон подобра верзија од себе – тоа за мене е успех.
Трн: Која е твојата главна порака до оние што сакаат промена, но не знаат од каде да почнат? Што значи за тебе одржлив, реален и здрав начин на живот?
Стефан: Да почнат – без разлика на денот, месецот или „совршениот момент“. Промената не бара радикални чекори, туку мали, реални и одржливи навики. Големите очекувања често носат разочарување, а малите победи градат дисциплина.
За мене, одржлив здрав начин на живот значи процес што можеш да го живееш, а не краткорочен режим. Мотивацијата доаѓа и си оди, но дисциплината е таа што носи вистински и трајни резултати.
