Стејт департмент: Закани кон новинарите и ограничувања на медиумските слободи остануваат сериозен проблем во Македонија

Американскиот Стејт департмент во годишниот извештај за човекови права за 2024 година предупредува дека Северна Македонија продолжува да се соочува со сериозни предизвици во заштитата на слободата на медиумите и правата на новинарите, и покрај уставните гаранции за слободата на говор.
Фото: Mozel W., CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Меѓу најголемите проблеми се издвојуваат заканите и насилството врз новинарите, зголемувањето на SLAPP тужбите, несоодветното однесување на јавни функционери кон медиумите и политичкиот притисок врз уредувачката политика. Како пример, се наведуваат случаите од 2024 година со новинарката Лепа Џундева, која била мета на закани и говор на омраза по интервју со грчки функционер, и физичкиот напад врз новинарот Фуркан Салиу од полициски службеник, за кој е покренато обвинение.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) бележи зголемување на бројот на инциденти, особено на насилство и вознемирување врз новинарки. Организацијата „Репортери без граници“ истакнува дека медиумите работат под силен притисок поради политичката поларизација, додека јавниот сервис сè уште нема целосна уредничка и финансиска независност.

Во извештајот се посочува и на законските измени кои ѝ овозможуваат на владата да финансира медиумски кампањи за теми од „висок јавен интерес“, што според независните медиуми отвора ризик од клиентелизам и влијание врз уредувачката политика.

Стејт департментот нотира и пошироки слабости во владеењето на правото – ограничена примена на механизмите за казнување злоупотреби, ниска доверба во правосудството и недоволна транспарентност во трошењето јавни пари.

Покрај медиумските слободи, извештајот се осврнува и на работничките права, прекумерната употреба на сила од страна на полицијата (37 пријави за седум месеци, од кои три потврдени), раните бракови во ромската заедница и недоволната заштита на бегалците и барателите на азил.

Американската администрација заклучува дека во Северна Македонија постојат системски предизвици кои бараат посилни институции, независни медиуми и транспарентно управување за да се обезбедат владеење на правото и заштита на човековите слободи.

Извор: Мета

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни