Додека родителите молчат, а училиштето се прави дека темата не постои, 53% од македонските млади го учат сексот од другарите. Останатите 47%, главно од социјални мрежи.
Анкетно истражување спроведено од редакцијата на Трн меѓу 173 млади во урбаните средини во Македонија покажува генерација која ги гради сопствените норми за интимноста речиси без институционална поддршка, меѓу притисоците на дигиталната сцена и остатоците на традиционалните кодови.

Телото како преговарачки простор
На прашањето „Како ја дефинираш љубовта?”, 80% одговориле дека е комбинација од емоционална и физичка компонента, a пошироко прифаќање на интимноста како природен дел од врските. Само 3% наведуваат дека нивните ставови се формирани под влијание на религија и традиција. Телото повеќе не е „проблем” кој треба да се реши со брак или да се скрие зад духовноста. Во урбаниот македонски контекст, каде религиозниот дискурс сè уште е номинално присутен, оваа нормализација на телесното е тивка, но длабока промена.

На прашањето дали сексот е неопходен дел од врска, 80% одговориле потврдно, 13% рекле „зависи”, само 6% негативно. Интимноста не е повеќе привилегија, туку таа е очекување. Тоа создава сопствен вид на притисок за оние кои, поради која и да е причина, не се вклопуваат во тој норматив.

Дигиталниот простор како нов ритуален терен
„Каде мислиш дека најмногу ги учиме правилата за љубов и секс?”. На ова прашање, 53% одговориле: од друштвото и партнерите. 24% посочиле медиуми и социјални мрежи, 16% семејство, само 3% образовните институции. Неформалната социјална мрежа го презела монополот на иницијацијата, онаа улога која во традиционалните општества ја имале постарите, семејството или ритуалните лидери. Школото и семејството се симболично присутни, но функционално исклучени. Знаењето циркулира хоризонтално, без филтер на авторитет, со сите предности и ризици кои од тоа произлегуваат.

Кога испитаниците биле прашани што чувствуваат кога гледаат „совршен пар” на социјалните мрежи, само 8% изразиле љубомора или несигурност. Но на одделното прашање за притисок од социјалните мрежи, 22% посочиле дека чувствуваат притисок да изгледаат совршено. Разликата е суштинска. Не сакаме она што другите имаат, туку го усвојуваме нивниот поглед врз себе. Социјалните мрежи денес ја вршат функцијата што некогаш ја вршеле колективните прослави: дефинираат кој пар е „правилен”, кое тело е „вредно”, кои животни настани бараат да бидат јавно потврдени.

Родот и двојните стандарди
На прашањето што најмногу ја кочи еднаквоста меѓу момци и девојки во љубовта и сексот, речиси 30% посочиле двојни стандарди, исто однесување, различен суд. Речиси подеднакво, 28% рекле дека не гледаат проблем. Двете бројки коегзистираат во ист урбан простор, кај иста генерација, типична хибридна нормативност, каде вредностите на еднаквоста се декларативно прифатени, но практичните кодови сè уште ги следат постарите родови скрипти.

Дополнително, на прашањето дали отворено го кажуваат кога им е непријатно во врска или во секс, 13% од мажите одговориле „никогаш”, наспроти само 3% кај жените. Не затоа што не чувствуваат, туку затоа што така научиле: системот на маскулинитет ја санкционира ранливоста уште пред да има можност да се изрази.

Сексуалното образование во Македонија постои. Се вика социјални мрежи. Се вика она што го кажал другар на паузата, она што го прочитала партнерката во коментари, она што го гледале на телефон во мрак. 53% од младите го учат тоа таму; не затоа што сакаат, туку затоа што никој друг не се јавил на позицијата едукатор.