Под мотото „Голема брзина на стоењето“ синоќа во Скопје заврши седмото издание на уличниот уметнички фестивал за живи статуи „Статуафест“. Овогодинешниот фестивал за улични живи статуи „Статуафест“ имаше за цел да каже „стоп“ на синдромот на брзо живеење.
„Улична жива статуа за мене буквално е како, една личност да влегува во друга димензија, од обичен човек, кога ќе се „стокмиш“ и за публиката стануваш ѕвезда. Целото внимание ти е посветено само на тебе, се осеќаш како да газиш на црвен тепих, а и сите оние штракања и блицови фотоапаратите, е тоа е… ахххх, убавина“, вели Весна Цветановска, една од десетината уметниците кои два дена низ перформанси го привлекува вниманието на случајните минувачи.
И за Томе Станковски улогата на жива статуа е потонување во една тишина, тишина која е медитативна и предизвикувачка.
„Процесот на станување жива статуа не е лесен. Потребно е трпение, фокус и дисциплина. Сум поминувал часови со цел да ги усовршам моите движења, гестови и мимики, проучувајќи го секој детал од ликот кој треба да го доловам. Да си жива статуа значи да имаш одмерено дишење и убава поза. При убава поставеност, стигам до баланс на мојот ум, тело и дух. Кога се качувам на практикабел и ја заземам својата поза, влегувам во еден мир, губејќи се во карактерот кој го претставувам и впивајќи го секој момент во и околу мене. Со самото тоа што сум мирен и неподвижен во дадениот акт, создавам моќна конекција со публиката“.
Артистите кои настапуваа на 19 и 20 мај во центарот на Скопје, на овогодинешниот фестивал, се од продукција Театроск, организатор на фестивалот. Настанот е поддржан од Министерството за култура и ВВ Тиквеш.
Фотографии: Радио МОФ