Статијата за убиениот инфлуенсер Чарли Кирк најчитана на Википедија во 2025 година

Статијата за американскиот конзервативен инфлуенсер Чарли Кирк, убиен на 10 септември 2025 година, се најде на првото место на листата на најчитани текстови на Википедија за оваа година.

Според податоците на Фондацијата Викимедија, страницата за 31-годишниот активист е прегледана речиси 45 милиони пати, при што интересот драматично пораснал веднаш по неговата смрт. Само ден по убиството, статијата ја прочитале околу 15 милиони корисници.

Околу 40 проценти од прегледите доаѓаат од корисници надвор од САД, што сведочи за глобалниот медиумски одек на настанот. На листата на најчитани статии се наоѓаат и профили на американскиот претседател Доналд Трамп, кој го зазеде четвртото место со 25,1 милиони прегледи, како и новоизбраниот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, чиишто страници биле отворени повеќе од 20 милиони пати.

Минатата година, статијата за Трамп исто така беше на четвртото место, зад Камала Харис, неговата ривалка на претседателските избори, која таа година имаше 29 милиони прегледи. Оваа година, меѓу најчитаните не се најде нејзината страница, но интересот за актуелните политички фигури и популарни личности драматично расте.

На второ место меѓу најчитаните е општата страница „умрени во 2025 година“, со повеќе од 42,5 милиони прегледи. Оваа страница, секојдневно ажурирана од тим уредници, речиси никогаш не излегла од првите три места откако Викимедија почна да ги објавува податоците.

Годинава меѓу најчитаните се и страници за јавни личности кои починаа во 2025 година, меѓу кои рок-легендата Ози Озборн и поранешниот папа Фрањо. Интерес предизвика и сегашниот папа Лав XVI, чија страница исто така се најде на листата.

Особено внимание привлече и страницата за серискиот убиец Ед Гин, која со над 31 милион прегледи го зазеде третото место – поддржана од огромната гледаност на серијата „Monsters“ на Нетфликс, во која неговите злосторства се драматизирани, а улогата на Гин ја толкува Чарли Ханам.

Во првите 20 статии се најдоа и бројни филмски и телевизиски содржини, како хорор-филмот „Sinners“, кој го зазеде осмото место, како и „Superman“ (2025), „Severance“, „Weapons“, „Adolescence“, „Thunderbolts“ и „Fantastic Four: First Steps“.

Значително е зголемен и интересот за профилот на Илон Маск, кој од 11. место во 2024 година скокна на шестото, со над 20 милиони прегледи. Неговата зголемена јавна улога, особено по неуспешното водење на сега распуштеното Одделение за владин ефикасност (DOGE), го стави во центарот на вниманието.

Листата ја заокружуваат фудбалската суперѕвезда Кристијано Роналдо и YouTube сензацијата MrBeast, чиј профил е прегледан 11,4 милиони пати.

Фондацијата Викимедија го искористи објавувањето на статистиката за да потсети дека на 15 јануари Википедија ја прославува својата 25-годишнина, четврт век постоење на најголемата бесплатна онлајн енциклопедија во светот. Во соопштението се нагласува дека речиси 250.000 волонтери секојдневно работат на одржување на енциклопедијата, обезбедувајќи дека нејзината содржина останува неутрална и поткрепена со проверени извори.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни