Европски „котел“, што безбедноста на Европа ја става на тест, вака британскиот премиер Кир Стармер го опиша Западен Балкан на отворањето на самитот во Лондон, кој е главно фокусиран на решавање на предизвикот со миграцијата.
Британскиот премиер е домаќин на лидерите на шесте земји од Западен Балкан – Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, во период кога Велика Британија се обидува да се договори за понатамошни мерки за намалување на бројот на мигранти кои доаѓаат нелегално.
Велика Британија во моментов е во преговори со некои од земјите од регионот за отворање на таканаречени „центри за враќање“ каде што Велика Британија би можела да ги испрати одбиените баратели на азил пред да бидат депортирани.
„Регионот е опишан како раскрсница на Европа, но толку често бил и искушение на Европа – котел каде што безбедноста на нашиот континент се става на тест“, рече британскиот премиер.
Стармер додаде дека разговорите ќе се фокусираат на безбедноста, миграцијата и економскиот раст, а лидерите ќе разговараат за тоа како да се спротивстават на „малигното влијание“ на Русија, како и за искоренување на корупцијата и заедничките миграциски прашања.
„Западен Балкан долго време е витална транзитна рута за криминалните банди на шверцерите. Не сакате да ги видите овие банди како дејствуваат на вашата територија, а сите ние ги трпиме последиците од нивните постапки“, рече Стармер.
Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива започната во 2014 година од тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, со цел да ги приближи земјите од регионот кон Европската Унија.
Меѓу учесниците на Самитот во Лондон се премиерите на Албанија Еди Рама, претседателот на Советот на министри на БиХ Борјана Кристо, премиерите на Црна Гора Милојко Спајиќ, на Косово Албин Курти, на Македонија Христијан Мицкоски и на Србија Ѓуро Мацут.