Прва посета на британски премиер на Кина по осум години

Кир Стармер ја започна тридневната посета на Кина со фокус на трговија, инвестиции и безбедност, во услови на променети глобални односи и затегнати релации меѓу Западот и Пекинг

Премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, пристигна во тридневна официјална посета на Кина, што претставува прва посета на британски премиер на оваа земја од 2018 година. Стармер е придружуван од околу 60 претставници од британскиот бизнис и културен сектор, а посетата се следи со големо внимание поради иднината на британско-кинеските односи.

За време на летот кон Пекинг, Стармер изјави дека очекува посетата да донесе конкретни придобивки „за луѓето дома“, нагласувајќи дека Велика Британија сака „сеопфатен и доследен пристап кон Кина“. На прашањето за состојбата со човековите права, тој кусо одговори дека „секогаш ги отвора прашањата што мора да се отворат“.

Во Пекинг, британскиот премиер ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг и премиерот Ли Ќијанг, при што во фокусот на разговорите ќе бидат трговијата, инвестициите и националната безбедност. По тоа, Стармер ќе отпатува во Шангај, каде што ќе одржи низа средби со британски и кинески компании, заедно со секретарот за бизнис и трговија Питер Кајл и претставничката на Министерството за финансии Луси Ригби.

По посетите на Кина, Стармер ќе продолжи кон Јапонија, каде што ќе се сретне со новата јапонска премиерка Санае Такаичи во Токио.

Според д-р Ју Џе, виша истражувачка за Кина во „Чатам хаус“, Пекинг има јасен интерес да развива поблиски односи со Велика Британија, и од економски и од политички аспект. Таа посочува дека кинеските инвестиции во Обединетото Кралство во моментов изнесуваат околу 0,7 проценти од вкупните странски директни инвестиции, што, според Пекинг, претставува простор за раст.

Во контекст на нестабилните надворешни политики на американскиот претседател Доналд Трамп, Кина може да ја гледа Велика Британија како стабилен партнер кој внесува „ред и предвидливост“ во меѓународните односи. За Пекинг, посетата има и симболично значење, како демонстрација дека клучен сојузник на САД е подготвен за директен дијалог.

Кинеските државни медиуми, во пресрет на посетата, изразија очекувања за подобрување на билатералните односи, иако признаваат дека постојат отворени прашања. Весникот „Глобал тајмс“ повика на рационален дијалог и прагматична соработка, предупредувајќи на опасноста од претворање на разликите во идеолошки конфликти.

Во исто време, британската влада презеде засилени безбедносни мерки. Членовите на британската делегација користат привремени телефони, броеви и електронска пошта, додека современите дигитални уреди се заменети со бележници и пенкала, поради потенцијални ризици од шпионажа.

Политичките аналитичари оценуваат дека Стармер не настојува на враќање кон т.н. „златна ера“ на односите меѓу Лондон и Пекинг, туку се обидува да испрати порака дека големината и глобалната улога на Кина ја прават неизбежен партнер – без илузии, но и без целосна конфронтација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни