Скопје ги брише последните траги од своето железничко минато

Еден од последните белези на старото маало Рампа во Скопје, сведок на времето кога возовите го сечеа градот – мета на урбаната инфраструктура

Во фазата кога Скопје интензивно се ширело кон југ, низ денешната Кисела Вода минувала железничка линија што функционално и физички го делела просторот. На таа траса се наоѓала Старата рампа – мал, но стратешки инфраструктурен елемент што ја регулирал интеракцијата меѓу железничкиот и градскиот сообраќај. Токму во време кога булеварот кај Старата Рампа минува низ инфраструктурна трансформација, се наметнува потребата да се потсетиме на значењето што ова место го имало во текот на годините.

Рампата функционирала рачно, под надзор на рампар кој дежурал во службена куќарка покрај шините. Со секое најавено минување на воз, сообраќајот се прекинувал. Преминот бил целосно зависен од железничката динамика – урбаниот тек се прилагодувал на индустриската и транспортната логика на времето.

Ова не претствавувало проблем, туку системска организација на просторот. Железницата имала апсолутен приоритет, што говори за нејзината економска и логистичка важност во тогашниот модел на градски развој.

Инфраструктура што истовремено поврзува и раздвојува

Во периодот кога Кисела Вода сè уште се оформувала како населба, железничката линија била клучна артерија за транспорт на стоки и патници. Таа директно ги поврзувала индустриските капацитети, вклучително и самиот тутунскиот комбинат, со пошироката регионална мрежа.

Но истата таа линија функционирала и како урбана бариера. Просторот бил фрагментиран, а движењето условено од железничкиот распоред. Чекањето понекогаш траело и до 40 минути. За разлика од денешните застои, овде станувало збор за структурно запирање на градот – целосен прекин на локалната мобилност поради приоритетот на шините.

Старата рампа, во таа смисла, не била само премин. Таа била точка на пресек меѓу индустрискиот развој и урбаната трансформација – материјален доказ за моделот на град што се градел околу транспортните коридори.

Денес, со проширувањето на булеварите и новото градење, исчезнува токму тој материјален слој. Прашањето не е дали градот треба да се развива, туку дали во процесот на модернизација се брише сопствената инфраструктурна меморија.

Другите железнички белези што исчезнаа

Старата рампа не е единствениот симбол на тоа време.

Кај Мала станица постоела рампа и дрвен надвозник за преминување. Кај старата фабрика Треска имало ложница за парните локомотиви. Сите тие места биле белези каде што индустријата и железницата се сретнувале.

Постоело и „вовчето Ќиро“ – локален воз што сообраќал до Ѓорче Петров, Тетово, Гостивар, Кичево и Струга. За многумина, тоа не бил само превоз, туку дел од детството и првите патувања надвор од градот.

Денес, овие точки постојат само во сеќавањата и на старите фотографии.

Вовчето „Ќиро“ – Facebook / Ѓорче Петров

Урбан развој или урбано заборавање?

Главното прашање денес е: дали Скопје постепено ги губи белезите на својот градски идентитет?

Поради проширување на булеварот и новото градење околу просторот на Стара Рампа, менувањето не е само инфраструктурно – туку и симболично. Доколку рампата не се врати или не се заштити како меморијален белег, ќе исчезне и последната физичка трага од старото маало Рампа, но и белегот на времето кога железничкиот сообраќај бил локомотивата на градот.

Градовите мора да се развиваат. Но дали развојот значи целосно бришење на слоевите од минатото? Прашањето не се насочува против модернизирање на патната инфраструктура, туку кон тоа дали овој дел од Скопје ќе остане барем како белег – или ќе исчезне како уште една заборавена точка на мапата.

Во време кога Скопје се менува со брзина што често не остава простор за сеќавање, Стара Рампа е повеќе од старо железо. Таа е пауза во движењето на градот. Симбол на едно време кога луѓето чекале заедно, наместо да брзаат сами. Токму затоа, како ќе се третира Старата Рампа ќе покаже дали Скопје гради само нова инфраструктура – или и сопствен континуитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни