Стапицата на суверенитетот – на крајната десница не им пречи странското мешање кога им одговара

Екстремната десница го осудува Брисел, но ги прифаќа американските милијардери, руската дезинформација и кинеското финансирање. Дали навистина го бранат суверенитетот – или само го предаваат на странски сили кои им служат на нивните интереси?

Менсур Халили, потпретседателот за демократија и вмрежување на Ромската фондација за Европа пишува дека екстремната десница зборува за заштита на националниот суверенитет и се противат на Брисел, Вашингтон и меѓународните институции, но кога надворешното влијание работи во нивна полза, тогаш ги смируваат гласовите, па дури и го поддржуваат тоа влијание.

„Овој двоен стандард беше целосно прикажан на конференцијата за безбедност во Минхен во 2025 година. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс отворено ги поддржа европските националистички движења, доведувајќи го во прашање легитимноста на европските институции. Наместо да го осудат ова мешање, лидерите на екстремната десница во Германија, Унгарија и Италија го поздравија. Венс дури рече: ‘Европа мора да го преиспита своето пречекорување и да им дозволи на нејзините нации да ги вратат своите културни и политички идентитети’, коментар кој се смета за зелено светло за националистичките агенди“ пишува Халили.

Тој додава дека Алтернатива на Германија е одличен пример за ова лицемерие, бидејќи додека гласно го критикуваат Брисел, среќно се усогласуваат со глобалните екстремнодесничарски фигури.

„Овој модел се повторува низ Европа. Марин Ле Пен во Франција го осудува странското влијание, но прифати руски банкарски заеми. Австриецот Херберт Кикл и ФПО ја туркаат националистичката реторика додека негуваат врски со екстремно десничарските групи во странство. Унгарецот Виктор Орбан се нарекува себеси бранител на унгарскиот суверенитет додека ја усогласува економијата на земјата со кинеската иницијатива и се потпира на руската енергија. Италијанката Џорџа Мелони ги напаѓа институциите на ЕУ, но зависи од спасувачките фондови на ЕУ“ пишува Халили.

Тој додадва дека мешањето на Илон Маск веќе е отворено во Европа. Додека Маск активно промовира ултранационалистички фигури низ Европа, особено Романецот Калин Џорџеску, кој оваа недела изјави: „На мојот прв ден како претседател, ќе ја забранам целата мрежа на Сорос во Романија“. Маск го ретвитна ова со натпис: „Романија го заслужува својот сопствен суверенитет!“ – претворајќи го екстремно десничарскиот лидер во инстант онлајн сензација.

„Но, движењето на Џорџеску пропадна поради мрежите поврзани со Русија, корупцијата и политичката неспособност. Неговата националистичка визија не го врати романскиот суверенитет – таа откри како овие движења служат како тројански коњи за странско авторитарно влијание“ пишува Халили.

„Јасно е: екстремната десница не се спротивставува на странското влијание – тие само се спротивставуваат на влијанието што ја предизвикува нивната агенда. Тие ги критикуваат демократските институции како УСАИД, НАТО и Фондацијата Отворено општество како алатки за странско мешање, а сето тоа прифаќајќи ја поддршката од руските мрежи за дезинформација, кинескиот капитал и американските екстремно десничарски сојузници“ заклучува Халили.

Тој додава дека нивните ветувања за економска самодоволност се подеднакво шупливи. Брегзит требаше да ја заживее британската економија, но доведе до пад на странските инвестиции и ослабена трговија. Унгарија ја продлабочи својата зависност од руската енергија и кинеското финансирање. Италија го ризикува истото, бидејќи владата на Џорџа Мелони јавно го критикува надзорот на ЕУ додека тивко се потпира на европските фондови и одржува трговски врски со Кина и Русија, сето тоа додека ја турка националистичката агенда дома.

„Во меѓувреме, Москва и Пекинг ги искористуваат националистичките движења низ Европа за да ги ослабат демократските системи. Руските медиуми ја прикажуваат АфД како ‘вистински бранители на германскиот суверенитет’, додека Кина гради финансиски врски со владите наклонети кон национализмот. Овие тактики – ширење дезинформации, користење на економски потпора и финансирање на симпатичните политичари – имаат за цел да ја поделат Европа одвнатре“ вели Халили.

Според него, изборите во Германија во 2025 година се пресвртна точка. Подемот на АфД се заканува да ја уништи улогата на Германија како демократски столб на Европа.

„Националистичка влада во Берлин би можела да ја растури ЕУ, да ги ослаби врските со САД и да ги охрабри авторитарните режими кои сакаат да ја видат Европа поделена“ вели тој.

„Германија сега се соочува со критичен избор: да застане зад демократските вредности, економската соработка и европското единство – или да тргне по националистичкиот пат на изолација и опаѓање. И оваа одлука не се однесува само на Германија. Скршената Европа ќе игра во рацете на Москва и Пекинг, слабеејќи ги западните сојузи и глобалната безбедност“ заклучѕва Халили.

Како што пишува тој, историјата дава јасно предупредување. Вајмарската Република се распадна кога националистичките сили ја отфрлија меѓународната соработка. Притисокот на нацистичка Германија за суверенитет доведе до уништување. Повоена Германија повторно се изгради преку интеграција и демократија. Идејата на екстремната десница за суверенитет е илузија – илузија што може да ги повлече Германија и Европа наназад.

„Како што се приближуваат изборите во 2025 година, Германците мора да одлучат дали да ги задржат принципите што го изградија нивниот повоен успех или да паднат на лажните ветувања за национализам. Од тој избор зависи иднината на Европа. Тоа е одлука што ќе го обликува не само патот на Германија, туку и стабилноста и единството на Европа како целина“ заклучува Халили.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни