Стенд-ап вечер со Мила Паниќ и Ангела Стојановска на ПРВО ПА ЖЕНСКО 13

Настанот ќе се одржи на 4 декември во Јавна Соба, а средствата од билетите се наменети за Support Kocani.

Во рамки на тринаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО, на 4 декември од 20:30 часот во Јавна Соба ќе се одржи една од најочекуваните вечери во програмата — стенд-ап настап со уметничката и комичарка Мила Паниќ, која веќе две децении создава и живее меѓу Берлин и Балканот, и актерката Ангела Стојановска, која ќе ја претстави локалната поддршка со сосема нов материјал. Билетите за настанот се веќе достапни на, а сите собрани средства ќе бидат донирани за организацијата Support Kocani, што му дава посебна општествена тежина на целото случување.

Публиката ќе може да го погледне стенд-ап шоуто „Jokes“ на Мила Паниќ — брилијантно конципирана колекција од теми, анегдоти и остри опсервации што ја поставија авторката како една од најинтересните и најслободумните гласови меѓу комичарите од регионот. Паниќ годинава го предводеше Big Mouth comedy club во рамки на 13. Берлинско Биенале, а нејзиниот хумор, кој балансира меѓу длабока интимност и бескомпромисна критика, ги отвора прашањата за раселувањето, моќта, политичките структури и апсурдите што не нè напуштаат ни во секојдневието. Нејзиниот стил, препознатлив по мрачната иронија и интелектуалната прецизност, умешно ја извлекува публиката од комфорната зона, потсетувајќи дека хуморот може да биде радикален инструмент за опсервација и отпор. Настапот ќе биде изведен на англиски јазик.

На сцената ќе ѝ се придружи и актерката Ангела Стојановска, која во последните години го изгради својот препознатлив сценски идентитет токму преку комбинацијата од игра, раскажување и суптилен хумор. За ова издание на ПРВО ПА ЖЕНСКО, таа подготвува нов материјал што, како што вели, можеби ќе ги допре темите на „реновирање“ — не само на простори, туку и на работни места, односи, навики, здравје, па и сопствената личност. Стојановска ќе се осврне на идејата дека понекогаш постојат нешта што не мора да се менуваат радикално за да функционираат, но и на оние моменти кога токму радикалната промена е нужност.

Настанот, кој е дел од главната програма на ПРВО ПА ЖЕНСКО 13, ја продолжува традицијата на фестивалот да создава простор каде што женската перспектива, критичката мисла, хуморот и уметничката слобода се испреплетуваат во едно. Оваа година, програмата е поддржана од Kvinna till Kvinna, Амбасадата на Шведска во Северна Македонија и Equality Fund, што ја засилува регионалната и меѓународната соработка во рамки на фестивалските активности.

Стенд-ап вечерта со Мила Паниќ и Ангела Стојановска, со хуманитарен карактер и моќна уметничка содржина, ветува да биде една од највпечатливите културни случувања во декември — вечер која ја слави смелоста, интелектуалната радозналост и способноста преку хумор да се отвори простор за нови начини на размислување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни